
Колосал биосаенсес ги претстави волчињата Ромул, Рем и Калиси, првите живи примероци на сортата „страшен волк“ (Aenocyon dirus) исчезнат пред 12.500 години. Младенчињата се здрави, машките на возраст од шест месеци, а Калиси окучена во јануари.
Страшните волчиња се зачнати со генетски инженеринг. Научници од биотехнолошката компанија реконструирале геном на волк од пред илјадници години, ги изолирале гените што им припаѓаат само на страшните волци и ги вградиле во ДНК на денешен сив волк (Canis lupus).
Модификуваната ДНК била вградена во клетки без јадро на волк и ги оставиле да созреат во лабораториски услови пред да ги вметнат во сурогат кучки. Трите ембриони успешно се развивале и пред шест месеци на светот дошле три снежнобели волчиња што потсетуваат на Дух од телевизиската серија Игра на тронови.
Од заб стар 13.000 години и од череп стар 72.000 години создадовме живи и здрави волчиња. Нашиот тим ви ја претставува магијата на која работеше, изјави сопственикот на „Колосал“, Бен Лам.
Најтешко било да се идентификува кои точно гени му припаѓале на видот што исчезнал уште во Леденото доба. Тимот ги споредувал геномите на фосилните остатоци на примероци на страшен волк со оние на нивните најблиски роднини денес - волците, чакалите и лисиците. Изолирани биле 20 клучни разлики во 14 гени што му ги даваат впечатливите карактеристики на страшниот волк - големината, белото крзно, поголемите заби и специфичното завивање.
По 65 дена развој во утробата на сурогат-мајката, Ромул и Рем биле окучени со царски рез на 1 октомври 2024 година. Три месеци подоцна се родила и Калиси.
Волчињата се првите оживеани примероци од исчезнати цицачи. Шпански научници во 2003 година успеале со клонирање да оживеат пиринејска коза, но младенчето починало само неколку минути по раѓањето.
Амбициите на Colossal Biosciences се многу поголеми. Компанијата веќе ги претстави живите и здрави младенчиња на црвени волци, една од најзагрозената сорта цицачи во светот. „Мамутска“ цел на компанијата е да го врати на планетата одамна исчезнатиот волнен мамут. Тоа е најавено за во 2028 година.