Македонија треба да избегнува нови задолжувања, бидејќи фискалниот простор е се потесен

Се потесен е просторот на земјава за нови задолжувања. По забележките на дел од меѓународните финансиски институции, и дел од домашните експерти и организации јавно посочија дека во периодот што следи ќе мора да се внимава на фискалната политика.

Академик Абдулменаф Беџети во интервју за ТВ 24 вели дека Македонија е во најкритична состојба со најмал фискален простор во однос на државите од регионот. Беџети вели, јавните приходи на државата се на најниско ниво на учество во Бруто домашен производ од државите во Западен Балкан. Според Законот за буџети јавниот долг не смее да надмине 60 отсто од БДП, освен во кризна состојба, што сега не е оправдување а нивото веќе може да е и надминато. Но, Беџети вели дека повеќе загрижува неевидентираниот или „невидливиот“ јавен долг.

„Ако земеме сето тоа колкав е долгот на локална самоуправа, на општините, кој се акумулира постојано, колкав е долгот на јавни препријатија како на локално така и на централно ниво. Колку се превземени обврски, на некој начин потпишани договори а не се пријавени и колку се фтасани обврски а не се платени. И сега според законот постојат обврски за евидентирање и регистрирање на таквите обврски.“ - изјави Беџети.

Последното истражување на Институтот за економски анализи Finance Think покажува дека фискалниот простор на Македонија дополнително се влошува по стартот на војната помеѓу Русија и Украина. Наодите од студијата покажуваат намалување на расходите за здравство и социјална заштита за сметка на зголемената буџетска поддршка за субвенции за електрична енергија.

„Резултатите покажуваат дека можноста за имплементација на фискални пакети е значително одредена од создадениот фискален простор во некризни периоди. Неопходно е буџетските резерви да се градат за време на некризни периоди, со цел да се обезбеди простор за интервенција кога е најпотребно.“ - велат од Finance Think.

Од Светска банка нотираа дека Македонија има најголема буџетска дупка во однос на земјите од Западен Балкан, односно буџетски дефицит четири отсто. Според прогнозите на Светска Банка годинава земјава ќе испорача најнизок економски раст во регионот од 2,5 отсто. Постои и опасност од забавување на потребните реформи на земјава потребни за продолжување на патот кон Европската унија поради процесот на двојните избори.