Додик: Судскиот процес против мене е монтиран од страна на САД

Фото: Твитер / Н1 / принтскрин

Водачот на босанските Срби, Милорад Додик на последното рочиште повторно тврдеше дека е изложен на судски постапки бидејќи е жртва на монтиран политички процес од страна на САД.

Додик ова го изјави по сослушувањето во судот на Босна и Херцеговина во Сараево, каде што продолжи судскиот процес против него врз основа на обвинението на државното обвинителство поднесено за неисполнување на одлуките на високиот претставник на меѓународната заедница.

На прес-конференцијата која потоа се одржа во Источно Сараево, Додик тврдеше дека и ова сослушување докажува дека станува збор за фиксен политички процес што наводно му го подготвил американскиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Мајкл Марфи.

За Судот на Босна и Херцеговина рече дека „тој е лош како Хашкиот трибунал“ и затоа таму не може да ја докаже својата невиност.

„Сето ова го означува колонијалниот карактер на Босна и Херцеговина“, заклучи Додик.

Тој и директорот на Службениот весник на Република Српска, Милош Лукиќ, беа обвинети дека овозможиле објавување на два закони донесени од ентитетскиот парламент, а високиот претставник Кристијан Шмит со својата одлука ги прогласи за неважечки бидејќи го прекршуваат Дејтонскиот договор.

Во РС со овие закони се обидоа да го блокираат спроведувањето на пресудите на Уставниот суд на Босна и Херцеговина, како и на сите одлуки донесени од Шмит.

На рочиштето, обвинителот Недим Ќосиќ презентираше материјални докази за вината на Додик и Лукиќ, вклучително и одлуките на Шмит кои се обврзувачки за сите локални власти, но судијата Сена Узуновиќ отфрли како непотребни некои докази како написите во медиумите, како и судскиот превод на Анексот 10 од Дејтонскиот договор кој ги дефинира овластувањата на високиот претставник со образложение дека не е оригинален документ.

Хрватскиот адвокат Анто Нобило, кој продолжува да го застапува Додик, објави дека одбраната ќе побара во продолжението на судењето како сведок да биде повикан високиот претставник Шмит. Најважното допрва следи, односно одлуката на судијата кој ќе ни ги дозволи доказите“, рече Нобило, објаснувајќи дека тоа е нивната „прва линија на одбрана“. Продолжението на судењето на Додик и Лукиќ е закажано за 22 мај.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот