Цените за автоодговорност паднаа, оние што платиле поскапо, не се знае дали ќе им се вратат парите

Вратени старите цени за осигурување од автоодговорност при регистрација на возилата. Во иднина, сите кои ќе ги регистрираат своите автомобили нема да треба да плаќаат за 15 отсто поскапа полиса.

Одлуката следува откако Комисијата за автомобилска одговорност при Министерството за финансии препорача, а Владата донесе одлука цените на задолжителното осигурување од автоодговорност да се вратат на нивото од пред 25 април, кога и се покачија за 15,44 проценти..

Останува нејасно дали осигурителните компании ќе им ги вратат парите на сите оние кои платија поскапо за да ги осигураат своите возила. Според неофицијални информации, станува збор за околу 10 илјади лица. Со поскапениот тарафник граѓаните плаќаа дополнително помеѓу 840 и 1600 денари во зависност од моќноста на возилото.

Осигурителните компании остануваат на ставот дека одлуката директоно влијае врз финансиската стабилност на целиот осигурителниот сектор. Тврдат дека цената со години е иста а во меѓувреме нивните трошоци пораснале и обвинуваат дека со одлуката, се воспоставува 100% државна контрола над цените за автоодговорност.

Наспроти овие тврдења, од Агенцијата за супервизија на осигурувањето посочуваат дека нивните анализи покажале дека осигурителни компании, со исклучок на една, ја завршиле 2023 со профит. Минатата година, по основ на задолжително авромобилско осигурување, компаниите задолжени за осигурување заработиле околу 65 милиони евра.