„Ако аеродинамиката на автомобилот не е добра, казната во смисла на досегот на електрично возило е огромна“

Популарноста на SUV моделите ширум светот со години незапирливо расте. Според податоците на Jato Dynamics, во првата половина од минатата година, теренците учествувале со повеќе од половина од вкупната продажба на нови автомобили во Европа.

Сепак, првиот човек на француски Citroën тврди дека на таквата доминација и доаѓа крајот. Во изјава за Autoexpress, Винсент Кобе вели дека поради нивната големина и маса, електричните теренци бараат поголеми батерии – што ја зголемува тежината и го прави електричниот автомобил помалку ефикасен.

„Ако аеродинамиката на автомобилот не е добра, казната во смисол на досегот на електрично возило е огромна. Поради лоша аеродинамика можете да изгубите 50 километри досег, а ако ги споредиме теренците и седаните, станува збор за 60, 70, 80 километри.

Властите ќе почнат да ја ограничуваат тежината и големината на батериите, или преку даноци, стимулации или некоја друга регулатива. На пример, градските автомобили беа убиени со регулатива, а SUV сегментот ќе биде убиен поради аеродинамиката и тежината“, вели извршниот директор на Citroën.

„Во 70-тите години еден автомобил тежеше 700 килограми, а денес просекот е 1.300 килограми.

Утре просечниот автомобил ќе тежи два тона. Значи, користиме три пати повеќе ресурси за да ја обезбедиме истата услуга, само за да бидеме „зелени“ – заклучува Кобе.