МВР: Се одржаа најфер и најдемократските избори

Во завршна прес конференција на МВР министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев констатираа дека изборниот ден минал мирно и немало нарушувања на изборниот процес.

- Како што помина и првиот круг од претседателските избори и денешниот втор круг помина во фер и демократска атмосфера. Граѓаните можеа слободно да го изразат своето право да гласаат. МВР ги створи сите предуслови и беше на висината на задачата. Во оваа прилика им честитам на диреекторот на БЈБ Сашо Тасевски, на штабовите и на потшабовите и на сите чинители. Им честитам и на граѓаните кои не подлегнаа на никакви притисоци, излегоа на слободни и фер избори. Ви благодарам и вам медиумите кои не следевте сите 100 дена во оваа техничка влада и ви благодарам на транспарентноста.

Техничкиот министер Панче Тошковски ги оцени изборите како фер и демократски и се заблагодари на полицајците, набљудувачите и на граѓаните:

- Денес во Република Македонија можеби се одржаа најфер и најдемократските избори кои било кога се случиле. Не се констатирани посериозни нарушувања во текот на изборниот процес во целиот ден. Би сакал да им се заблагодарам на македонските полицајци кои макотрпно работеа на овие избори. Сакам да им се заблагодарам и на македонските граѓани кои покажаа дека заслужуваме да бидеме дел од европското семејство. Огромна благодарност и до набљудувачите кои допринесоа да имаме мирен процес. Благодарност и до медиумите кои допринесоа да имаме фер и транспарентен изборен процес.