Огненовски во СТУДИО 10: Без добра економија нема напредна држава

Ние имаме луѓе кои цел живот го поминале во политиката. Тоа го нема никаде. Луѓето се занимаваат одреден период со политика, а потоа се занимаваат со својата професија. Ние сметаме дека треба да има разноликост во Собранието и очекуваме дека ќе влеземе во Собранието. Македонија е ограбена од политички банди. Ние не можеме самите да се изгласаме, но можеме да го мотивираме народот да гласа за нас и нашата програма. Во програмата зборуваме како да се организира стабилна економија со добри плати со што ќе се задржат младите, имаме програма за добро образование и за добро здравство, вели Јорго Огненовски, носител на изборна листа во ИЕ 1 на партијата Демократи во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Тие од ИЕ 1 ќе влезат во Собранието за потоа да се повлечат на подобро платени министерски места. Тие големи партии ни ја ограбија државата, а не можам директно да им кажам оти медиумите не ни отстапуваат можност да се соочиме со нив. Тие луѓе кои се многу години членови на партии кои ги нарекувам злосторнички здруженија, ќе продолжат да го прават истото кога сега ќе дојдат на власт. Тие донесоа криминален изборен законик па оттука ни изборите нема да бидат демократски, вели Огненовски.

Огненовски вели дека пензионерите се оставени на милост и немилост. Според Демократи, пензијата треба да биде колку минималната плата, а стажот потребен за пензионирање да се намали од 15 на 10 години стаж со оглед дека имавме транзиција кога многу луѓе останаа без работа а кога си повозрасен е потешко да најдеш работа. 

- Нам ни е важно да го уништиме политичкиот криминал кој поддржува стопански криминал и корупција. Да се сузбие тоа може само ако чесни луѓе влезат во Собрание за да донесат добри закони, вели Огненовски кој додава дека се залага за некој вид ветинг во судството.

Огненовски вели дека без добра економија нема да имаме ни добро здравство ни образование.

- Нема земја во светот која оди напред а нема добра економија. Државата треба да инвестира 2 милијарди евра за да се поддржи стопанството, вели Огненовски.