Линкови за пристапност

Израел изврши напад во Иран, јавуваат американските медиуми


На улица во Техеран е виден антиизраелски билборд со слика на ирански проектили
На улица во Техеран е виден антиизраелски билборд со слика на ирански проектили

Израел изврши воздушен напад пред зори во Иран денес локално време, објавија американските медиуми цитирани неименувани израелски и американски официјални лица.

Инцидентот во текот на ноќта е најнов по неодамнешните одмазднички напади меѓу двата регионални противника, но Техеран денес посочи дека не планира да одговори.

„Њујорк тајмс“ и „Вашингтон пост“ цитираа израелски официјални лица дека Израел извршил воздушен напад во Иран. Американските функционери беа цитирани од повеќе медиуми дека го нарекоа ракетен напад.

Локацијата или целта на очигледниот израелски напад не беа веднаш идентификувани.

Околу еден час по објавувањето на извештаите, портпаролот на израелската војска, контактиран од Гласот на Америка, рече дека нема коментар „во моментов“.

Исто така, веднаш немаше јавен коментар од администрацијата на Бајден за инцидентот во Иран.

Иранските државни новински агенции соопштија дека воздушната одбрана на исламската република била активирана во близина на централниот град Исфахан како одговор на проектил.

Тие, исто така, објавија дека експлозии се слушнале во источните предградија на градот, но не прецизираа дали експлозиите биле од пресретнување или удари на земјата.

Директорот на иранската вселенска агенција рече дека силите за воздушна одбрана собориле неколку беспилотни летала.

Иранските државни медиуми брзо рекоа дека нуклеарните капацитети во Исфахан се безбедни.

Тие, исто така, рекоа дека операциите на аеродромите се вратиле во нормала во петокот, неколку часа откако летовите беа прекинати како очигледен одговор на наводниот израелски воздушен напад.

Израел го предупреди Иран дека ќе се одмазди за иранскиот воздушен напад без преседан на израелска територија минатата недела, во кој беа вклучени стотици беспилотни летала и проектили.

Израел соопшти дека ги пресретнал речиси сите проектили со помош на коалицијата на западните сојузници и арапските партнери.

Иран, пак, предупреди дека секој израелски одмазднички напад ќе биде проследен со брз и построг одговор.

Ахмед Фуад Алхатиб, аналитичар за безбедност на Блискиот Исток во Атлантскиот совет, изјави за Гласот на Америка дека пригушениот одговор на Иран може да биде обид да се избегне ескалација на конфронтација, се` додека нуклеарната програма на Техеран не е директно таргетирана.

„Постојат проценки и пресметки кои веруваат дека Иран можеби е подготвен да апсорбира и проголта ограничен одмазднички напад од Израел. Сепак, ударите против нуклеарната програма на Техеран драматично ќе ја ескалираат директната конфронтација меѓу Иран и Израел“, рече тој.

САД и другите западни сили ја повикаа израелската влада да избегне ескалација на конфликтот при пресметувањето на нејзиниот следен чекор.

Американските власти рекоа дека немаат намера американските сили да се приклучат во каква било израелска одмаздничка акција.

Алхатиб изјави дека администрацијата на Бајден ја разбира потребата на Израел да изврши одмазда по иранскиот напад во неделата.

„Секој израелски напад ќе бара американско учество, соработка, поддршка и крајно одобрување, фрлајќи сомнеж врз точноста на тврдењата на администрацијата на Бајден дека нема да биде вклучена во израелска одмазда“, рече Алхатиб.

Дописничката од Белата куќа за Гласот на Америка Патси Видакусвара и курдските и персиските редакции на Гласот на Америка придонесоа за овој извештај

Поврзано

XS
SM
MD
LG