Приведена новинарката која го сними последното видео од Навални пред неговата смрт

Алексеј Навални / Фото EPA-EFE/YURI KOCHETKOV

Новинарката која го сними последното видео на рускиот опозициски политичар Алексеј Навални пред да почине, Антонина Фаворскаја, е приведена од властите.

Фаворскаја ги покриваше судењата на Навални со години, а организацијата за слобода на медиумите Репортери без граници во четвртокот објави дека таа е една од шесте новинари ширум земјата што биле приведени овој месец, пренесува Гардијан.

Руските власти ја приведоа Фаворскаја доцна во средата и ја обвинија за учество во „екстремистичка организација“ со објавување на социјалните мрежи на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални, соопшти руската група за човекови права ОВД-Инфо.

Портпаролката на Навални, Кира Јармиш, рече дека Фаворскаја не објавила ништо на платформите на фондацијата и предложила руските власти да ја нападнат затоа што ја извршувала својата работа како новинарка. ОВД-Инфо соопшти дека Фаворскаја првично била приведена на 17 март откако положила цвеќе на гробот на Навални.

Таа помина 10 дена во затвор откако беше обвинета за непослушност кон полицијата, но кога тој период на притвор заврши, властите повторно ја обвинија и и наредија да се појави во петок во московскиот окружен суд Басмани, соопшти ОВД-Инфо.

Таа е една од неколкуте руски новинари кои беа цел на властите како дел од сеопфатната акција против неистомислениците во Русија.

Две други новинарки, Александра Астахова и Анастасија Мусатова, исто така беа привремено приведени откако дојдоа да се сретнат со Фаворскаја во притворниот центар каде што таа беше задржана, соопшти Репортери без граници.

Екатерина Аникевич, од руската информативна страница СОТАвишон, и Константин Јаров од РусЊуз, беа исто така приведени од полицијата додека известуваа за претресот на домот на Фаворскаја.

Јаров за Русњуз изјави дека бил претепан додека бил во притвор: „Ме клоцаа, ми ставија нога на глава, ми ги вртеа прстите, ме исмејуваа кога се обидов да станам, бараа да го покажам мојот ранец како да има експлозив“.

Во Уфа, 1.300 километри источно од Москва, руските власти во средата ја приведоа Олга Комлева, новинарка на Русњуз. Тие, исто така, ја обвинија за екстремизам и вмешаност со Навални и неговата организација, според Репортери без граници.

Фондацијата за борба против корупцијата на Навални е прогласена за екстремистичка организација од руските власти, што значи дека луѓето поврзани со неа може да се соочат со затворски казни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот