Рубрика: Медицина
Кроновата болест и улцеративниот колитис видливи во крвта години пред да се постави дијагнозата?
Објавено на 29.11.2023 - 15:00

Хроничните воспалителни болести на цревата, како што е Кроновата болест, може да се детектираат преку резултатите од тестовите на крвта неколку години пред појавата на сериозни симптоми. Според студијата објавена во научното списание Cell Reports Medicine, две хронични инфламаторни цревни заболувања, Кроновата болест и улцеративниот колитис може да се откријат рано преку некои мали промени во вредностите кај рутинските тестови на крвта, односно осум години и три години пред поставувањето на официјалната дијагноза.

Кроновата болест и улцеративниот колитис претставуваат автоимуни заболувања, односно поврзани се „пореметување“ на имунолошкиот систем, што се карактеризира со хронично воспаление кое предизвикува улцеративни лезии во гастроинтестиналниот тракт (во случајот на Кронова болест) и во мукозата на дебелото црево, во случај на ректоколитис.

Се работи хронични состојби кои воглавно ги погодуваат младите и најчесто се откриваат откако оштетувањето на дигестивниот систем е значително. Иако овие болести може да се третираат со лекови, во некои посериозни, животнозагрозувачки случаи неопходни се и хируршки процедури за да се надминат компликациите што го зафаќаат цревата и да се пренасочи протокот на изметот што овозможува негова елиминација. Затоа е навистина важно болеста да се препознае уште пред да дегенерира.

Со оглед на тоа што е потребен подолг период за да се акумулира штетата нанесена од хроничните инфламаторни цревни заболувања, долго време научниците се сомневаа дека постои и „предклиничка фаза“.

Џејмс Ли, гастроентеролог од Институтот Френсис Крик во Лондон, ги споредил податоците од рутински тестови на крвта на 20 000 луѓе со Кронова болест или улцеративен колитис во текот на 10 години пред поставување на дијагнозата со оние на други 4,6 милиони луѓе без овие состојби. Информациите биле преземени од данската електронска здравствена база на податоци. Потоа специјално обучениот алгоритам, во оваа огромна количина на податоци, идентификувал некои минимални промени кај различни минерали присутни во крвта, во крвните клетки и во протеините поврзани со присуство на воспаление, соодветно, осум години пред дијагнозата на Кронова болест и три години пред онаа на улцеративен колитис. Ниту една од овие промени, сама по себе, не би се сметала за причина за загриженост. Всушност сите овие вредности се во нормалниот опсег, и нивните флуктуации не би биле забележливи „со голо око“.

Следниот чекор на тимот би бил усовршување на алгоритмот во насока да се оспособи за идентификување на луѓето кои се изложени на најголем ризик од развој на хронични воспалителни болести на цревата, а можеби и проспективно да ја процени ефективноста на третманите.

Научниците се надеваат дека овие наоди, кои би овозможиле многу понавремена детекција на заболувањата, би дале можност за пациентот да направи соодветни промени во животниот стил или да добие ефикасен третман многу, многу порано. На овој начин би можела можеби да се избегне и потребата од голема операција директно во моментот на дијагнозата.

Клучни зборови: