КАКО СЕ ПРАВИ ЧИСТ ПРОФИТ ОД ТРИ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА САМО ТРИ МЕСЕЦИ - рецептот го има прилепска компанија со странски газди
Објавено во: Економија 07 Мај, 2024
Како се прави чист профит поголем од три милиони евра за само три месеци, рецептот го има прилепскиот „Мермерен комбинат“.
Компанијата која се занимава со вадење на декоративен камен и камен за градежништво, варовник, суров гипс, креда и шкрилци, и која е во сопственост на странски акционер, првото тримесечје од годинава го завршила со нето добивка од 3,24 милиони евра.
Тоа го покажува Билансот на успех на компанијата кој беше објавен деновиве преку Македонската берза, а кој говори дека во првиот квартал од годинава, во однос на истиот период лани, прилепскиот „Мермерен комбинат“ има повисок профит за дури 46 проценти.
Да видиме што го направи големиот профгит на оваа компанија.
За само три месеци „Мермерен комбинат“ од Прилеп успеале да инкасираат вкупни приходи од продажбата од дури 6,35 милиони евра. Тие се за 13 проценти поголеми во однос на истиот период лани, што говори дека основната дејност на компанијата што ископува мермер оди одлично, бидејќи приходите од продажбата говорат всушност во која насока се движи кор бизнисот на компанијата.
Речиси целиот производ што го дава како финална вредност „Мермерен комбинат“ оди во странство, за што говори податокот дека речиси целиот приход, односно 6,32 милиони евра се приходи од продажба на странскиот пазар, а и кај нив е регистрирано зголемување за 13 проценти во однос на истиот период лани.
И додека кај основните приходи има зголемување, компанијата била штедлива, па нејзините основни трошоци, односно трошоците на дејноста се намалиле. Или, Билансот на успех говори дека трошоците на продадени производи и услуги изнесувале 1,97 милиони евра, односно се намалени за 18 проценти.
Сето тоа прави компанијата да има бруто добивка од 4,38 милиони евра, што е раст за 37 отсто во однос на истиот период минатата година.
Откако од неа ќе се одземат административните трошоци, заедно со трошците на продажба и маркетинг, се добива оперативна добивка од 3,62 милиони евра, што е пораст за 53 отсто во однос на истиот период лани.
Финансиските приходи и расходи не се високи, односно 44 и 47 илјади евра соодветно, но кај едните има намалување за 41 отсто, а кај другите пораст за фантастични над 3 и пол илјади проценти. Со оглед што финансиските расходи се расходи по основ на камати и курсни разлики, значи дека компанијата влегла во некои заеми за кои сега се книжат трошоци.
И така, добивката пред оданочување била 3,62 милиони евра, додека пак по плаќањето на корпоративниот данок таа изнесува 3,24 милиони евра или порастот е за одлични 46 проценти.
Н.Н.Ф.