Рубрика: Историја и археологија
80 години од најкрвавата тенковска битка во историјата – Битката кај Курск
Автор: Невенка Стојановска
Објавено на 05.07.2023 - 15:45

Пред 80 години на денешен ден започна битката кај Курск, најголемиот тенковски судир во историјата. Да се потсетиме како германските панцири беа “прегазени” од советските Т-34 сo написот „Во пајаковата мрежа“ на Роберто Џеновези.

Шестотини километри јужно од Москва, според извештаите на германските извидувачки авиони во реонот на Курск се наоѓа клинот – најиспакнаттакнатиот сектор од фронтовата линија во кој се распоредени припадниците на Црвената армија, и кој на повеќе од сто километри навлегува во реонот што сѐ уште го држат германските трупи. За германците ова е речиси идеално сценарио во кое со брза акција и движење од правците север и југ би можеле да фатат во обрач и од главнината да отсечат околу милион руски војници распоредени во тој простор. Меѓутоа, Фирерот сакал да почека да се заменат сите тенкови што биле изгубени за време на зимските повлекувања. Пред сè, тој решил да почека на фронтот да пристигат неколку дополнителни баталјони опремени со помоќните Panzer V Panthers, кои според многу високи германски офицери биле единствените тенкови способни да се справат со советските Т-34. И така стигнуваме до денот закажан за пробив – 5 јули 1943 година. Две импресивни низи возила, луѓе и авиони се соочуваат во селата околу Курск, меѓу зеленилото на пасиштата и жолтата боја на зрелата пченица.

Фелдмаршалите Фон Клуге и Фон Манштајн пресметале сè, до најмалите детали, потпирајќи се на прецизни мапи и манијакално следење на атмосферските услови. Но, колку и да била детална подготовката, тие не земале предвид две варијабли – истрајноста на армијата што нема што да загуби и инспирацијата на еден од најголемите стратези во историјата, Георгиј Константинович Жуков, заменик врховен командант на Црвената армија.

Благодарение на извидувачките и шпионските активности, советскиот генерал има јасни идеи уште од април. Тој ги сфатил суштинските линии на нацистичкиот план и го известил Сталин кој, за среќа, без двоумење го поддржал. Дали Германците очекуваат Русите да започнат контраофанзива за да го запрат напредувањето? Па, Советите ќе го направат токму спротивното. Оставете ги нацистите да напредуваат, и нивните истрошени оклопни сили да се соочат со одбранбените линии на непријателот. Она што е важно за Жуков е да ги лиши Германците од нивните оклопни единици. Дури тогаш може да се прејде во контранапад.

Планирања на двете страни – лево Манштајн за време на состанокот со Херман Хот, командант на 4-та панцирска армија, 21 јуни 1943 година и десно Жуков со Иван Конев, командант на Степскиот фронт, за време на битката кај Курск Извор: Википедија

За спроведување на оваа одбранбена стратегија потребни биле средства и огрмен број луѓе, а генералот добил кард-бланш од Сталин – располагал со 11 армии, вкупно 1 330 000 луѓе, 3300 тенкови, 20200 топови (од кои најмалку 6000 се противоклопни) и 2650 авиони, под команда на искусните Николај Ватутин и Константин Рокосовски, кои веќе ја претворија германската 6-та армија на Фридрих Паулус во прашина за време на опсадата на Сталинград.

Искористувајќи го доцнењето наметнато на стартот на офанзивата, Жуков ја претвори шаховската табла, што зафаќала површина еквивалентна на половина од Англија, во рингишпил од стапици. Тој поставил преку 40 000 мини закопани на страните од клинот и ископал мошне густа мрежа од противтенковски ровови, што ќе овозможи панцирите да останат заробени таму.

Создал мрежа од пешадински ровови, прошарани со други мински полиња распоредени небаре точки на леопардско крзно и дистрибуирал огромен број столбови со противтенковска артилерија на земјата. Вкупно, пет бариерни линии, коишто германските трупи трупи требале да ги помината за сега веќе исцрпени да влезат во  евентуална фронтална конфронтација со советите.

Германските борбени планови ѝ даваат предност на офанзивата на северната страна од клинот, каде е распоредена 9-тата армија на генералот Валтер Модел. Наспоти него, офанзивата во јужниот сектор е во рацете на генералот Херман Хот, кој раководи со 4-тата армија. Вкупно, 900 000 луѓе, 2700 тенкови, 2050 авиони и 10000 топови/минофрлачи.

Германските војници се движат низ противтенковски ров, додека борбените инженери подготвуваат експлозивни полнења за да го затрупаат. Извор: Википедија

Но, настрана бројките, постои еден клучен елемент што ќе ја направи разликата. Благодарение на информациите добиени од „Луси“, советски шпион со контакти во Okw (германската висока команда), Жуков го знае дури и датумот на почетокот на офанзивата и наредил четиричасовно превентивно бомбардирање на германските линии уште пред тие да се поместат: тоа е руската покана за Waffen SS, кои го сочинуваат столбот на нацистичките редови.

На северниот фронт, Модел напаѓа користејќи 8 од своите 15 пешадиски дивизии и само една од шестте оклопни дивизии, со цел брзо да го заземе градот Олкховатка и потоа да ги нападне Русите одзади. Но, одбранбените позиции поставени од Жуков ги задржале и вечерта на првиот ден од битката германските тенкови напредувале едвај седум километри во внатрешноста на непријателскиот фронт.

Меѓутоа, на јужниот фронт, генералот Хот решава веднаш да ги употреби сите сили што му се на располагање за да ги заземе градовите Обојан и Короча. Иако минските полиња успеваат да имобилизираат стотици тенкови, со ефикасна поддршка од воздухот на Луфтвафе, Германците ги поминуваат советските линии пред зајдисонце и го окупираат Черкаскоје.

Советско митралеско одделение вооружено со митралез од типот Максим за време на битката кај Курск Извор: Википедија

Следниот ден и Модел, од север, решава да ја искористи резервата во обид да направи централен пробив. Борбите се насочени околу жестоко оспоруваното село Понири, подоцна наречено „мал Сталинград“. По три дена бескорисни обиди, германскиот генерал мора да се соочи со фактите: оклопните возила се уништуват од мините, додека екипажот и пешадијата се лесна мета за советските ловци.

Нема пробив – 9-тата армија ќе остане на 50 километри од Курск. Во меѓувреме, на југ не требало да се чека долго за одговорот на Жуков. Советскиот генерал ја преместил 5-тата оклопна армија од резерва за да го спречи ударот на оклопниот корпус (panzerkorps) насочен кон Обојан, но пред сè, тој ги замолил бомбардерите „да ги постелат со експлозив“ германските железнички врски за да го забават снабдувањето со муниција. Но, и покрај тоа, одредени гранадери од дивизијата Гросдојчланд продолжиле да напредуваат и на 9 јули се пробиле дваесетина километри подалеку зад непријателските линии. На 12 јули двете страни го насочија својите напори кон градот Прохоровка, обете свесни дека неговото освојување ќе го промени текот на битката.

Рано изутрината, три СС дивизии се движат истовремено за да го освојат градот – вкупно 200 тенкови, меѓу кои се вклучени и мошне масивните Panzer VI Tiger, на што претходи интензивно воздушно бомбардирање. Но, се чини дека Жуков предвидел сè и 800-те тенкови на неговата 5-та армија, воглавно тенкови од типот Т-34 и Т-70, брзаат да ги пречекаат и  да го поништат учинокот на германските топови.

Војници на Дас Рајх дивизијата со тенк Тигар I, снимени во јуни 1943 година пред битката. Извор: Википедија

Битката трае во текот на целиот ден, во нереална и халуцинаторна клима од експлозии и татнеж, во прекривка од прашина што се издигнува од стотиците гасеници на оклопните возила, меѓу столбобите чад предизвикани од топовските истрели, измешани со црна и густа саѓ од уништените возила, со што драстично се намалува и онака нарушената видливост под оловното небо и повремените дождови. Речиси е невозможно за некој надвор од метежот да ги разликува метите.

Битката се претвора во судир на возила, наликува на древна поморска битка насукана на копно, со точкести истрели и експлозии меѓу ниските ридови каде ветерот ги бранува посевите што веќе наликуваат на бранови од огнено море. Дури и пешадијата мора да стои на страна и да ја гледа таа застрашувачка магла ако не сака да заврши проголтана од челичните чудовишта што се тресат, често во смртни маки, низ густата прекривка на смртта.

Во блиската борба се губи технолошката супериорност на германските тенкови. Исто така и  уништувачот на тенкови наречен Фердинанд, којшто Хитлер толку долго го чекаше, ги открива сите свои ограничувања – со него тешко се маневрира, има намалена и само фронтална видливост; ранлив е на крилата, нема секундарно вооружување за блиска одбрана. Соодносот на силите којшто превагнува во корист на Русите го прави останатото.

Престрелките престануваат пред зајдисонце, по веста дека Црвената армија започнала офанзива кон градот Орел, прбивајќи ги германските линии како путер. За само еден ден на терен остануваат уништени 700 тенкови од двете страни.

Уништени германски тенкови во полето по битката кај Курск Извор: Википедија

Во меѓувреме, на 10 јули, сојузниците се искрцуваат во Сицилија, а за нацистите станува неопходно да се повлечат и да ги прераспределат силите на западниот фронт.

Како одличен стратег, Жуков ја изгради својата победа многу пред 12 јули, благодарение на смртоносната тактика на чекање-напад. Кога Германците успеале да заземат некоја позиција, тоа често било затоа што тоа му одговарало на советскиот генерал. Нивните топови веќе биле насочени кон местото каде непријателските тенкови ќе застанат за да станат цел на баражите што континуирано ретчеле нивните редови.

Така, Курск се покажа како голема замка за Германците. Жуков можеби изгуби половина од своите тенкови, но за разлика од Германците, можел веднаш да ги замени и да ја лансира очекуваната контраофанзива со која за една година ќе ги избрка војниците на Фирерот надвор од руските граници.

Извор Focus

Клучни зборови: