Драг сине,

Ми кажа дека ѝ праќаш пораки на девојка и планираш да се сретнеш со неа, некаде на училиште. Сакав да прашам дали е тоа состанок, но не сакав да те засрамам. Сакав да прашам каква е таа. Дали е убава? Дали е паметна? Каков тип музика слуша? Дали е како мајка ти?

Ваквите работи мене ми се случуваа премногу одамна за да можам да се сетам. Дали беше како да си вклучен на „прекинувач“? Една минута девојката ти е здодевна, а потоа одеднаш, сè што сакаш да направиш е да бидеш околу неа. Се чинеше дека до вчера единствената девојка која не ти беше здодевна беше мајка ти. Кога се исклучи тој „прекинувач“? Кога почна да се интересираш за девојки?

Претпоставувам дека навистина не е важно како се случило. Или кога. Она што е важно сега е да знаеш што да бараш, и уште поважно, како да се однесуваш кога ќе ја пронајдеш девојката за тебе.

Кога беше малечок, ѝ велеше на мајка ти дека сакаш да се ожениш со неа кога ќе пораснеш. Па, сега знаеш дека тоа не е можно. Но, во тоа време сакаше да се ожениш за мајка ти, затоа што таа ги имаше сите квалитети што ти ги сакаш кај една девојка. Ако тоа е вистина, тогаш треба да ме прашаш мене, бидејќи јас сум единствениот што успеал да се ожени со неа.

Знам дека имаш само 12 години. И најверојатно ќе имаш неколку девојки пред да се ожениш за вистинската. Но, може и да научиш од мене нешто, за да не губиш време, правејќи ги сите грешки што ги направив јас.

Еве нешто што ми помогна мене кога ја запознав мајка ти. Што да бараш кај девојка:

Побарај некоја што е подобра од тебе. Тоа е толку едноставно. Побарај некоја на која ќе ѝ се восхитуваш, не само поради нејзината убавина, туку и поради нејзиниот ум, нејзините ставови и како таа се однесува со семејството и пријателите. Кога ќе најдеш некоја што е подобра од тебе, автоматски ќе сакаш да бидеш подобра личност околу неа. Кога се трудиш да бидеш подобра личност за неа, тоа исто така ќе те покрене и воздигне.

Ништо друго не е важно. Нејзината раса, етничка припадност, колку пријатели има или колку „лајкови“ може да добие на „Инстаграм“. Ниту нејзиниот социјален статус, ниту нејзината религија. Ништо од тоа не е важно.

Запрашај се себеси: „Дали таа ме мотивира да сакам да бидам подобра личност?“ Ако одговорот е ДА – тогаш си со вистинската личност во тој момент.

Кавалерството не е мртво. Биди џентлмен. Има некои работи што ги слушаме постојано: задржи ѝ ја вратата, помогни ѝ со носењето на тешките работи, намести го столот за неа, дај ѝ го твоето палто кога ѝ студи. Сите овие гестови се добри. Но, има и некои детали кои се чини дека се изгубени и непознати за вашата генерација.

Еве како треба да се однесуваш со жена:

Остави ја прво таа да нарача

Девојката нека биде првата што ќе нарача и почекај да пристигне храната за двајцата, пред да почнеш да јадеш.

Дај ѝ комплименти

Додели ѝ комплименти за тоа колку убаво изгледа.

Однесувај се со почит кон нејзините родители

Не вели: „Еј, здраво, како оди?“ Кажи: „Добро утро господине __“.

Однесувај се со почит кон нејзиното семејство

Имај почит кон нејзините роднини, дури и кога тие не се во близина. Дури и ако таа им е лута, ти задржи ја почитта кон нив.

Изненади ја со нешто без причина

Како на пример цвеќиња, а не нешто преку социјалните мрежи.

Заштити ја

Погрижи се таа безбедно да се врати дома пред да заминеш.

Секогаш чувај ја на безбедно

Ти биди оној што ќе се движи по надворешната страна на тротоарот кога си со неа.

Немој да раскажуваш наоколу дека си ја бакнал

(Дојди разговарај со мене ако не го сфаќаш ова.)

Насмеј ја

А потоа, следуваат и многу важните работи како:

Охрабри ја

Поттикни ја да цели повисоко (да биде подобра на училиште, во спортот кој го сака и сл.)

Предизвикувај ја

Предизвикувај ја да проба нови работи, нови искуства кои ќе ја подобрат како индивидуа.

Почитувај ги нејзините мислења и одлуки во секое време

Ако можеш да примениш 80% од овие работи, таа ќе те сака. Ако примениш 100% од овие работи, таа ќе те сака и почитува.

Еве како да не се однесуваш со жена:

Без посебен редослед – едноставно не ги прави овие работи:

Шеги кои ја повредуваат

Не разбирам како некој може да упатува навредливи шеги на својата девојка, за да се смее. Знам дека тоа е застапено насекаде низ социјалните мрежи и добива милион „лајкови“. Тоа само ми кажува дека има најмалку милион луѓе кои нема да имаат партнер кој вреди. Ти не сакаш да бидеш еден од нив.

Вулгарности

Не користи никакви вулгарности насочени кон неа, нејзиното семејство или пријателите. Пред неа или зад грб. Покажи почит.

Разочарување

Ако кажеш дека ќе бидеш некаде или ќе правиш нешто, постапи така. Немој да ја лажеш и разочаруваш. Девојките сакаат мажи, а не мали момчиња. А мажите си остануваат на зборот.

Зјапање во телефон

Не пишувај пораки, разговарај. Ако си со неа, обрни ѝ внимание нејзе, а не на технологијата.

Лажење и криење

Ако направиш грешка, поправи ја. Промени се, подобри се и продолжете понатаму заедно. Ако ги практикуваш сите овие работи, таа ќе ти прости.

Срам или омаловажување

Слично на тоа, и таа може да погреши, но прости ѝ искрено. Никогаш не чувај лутина, срам и не омаловажувај ја.

Озборување други луѓе

Дури и ако таа го прави тоа, слушај, но не учествувај. Не ѝ кажувај да не го прави тоа, само сослушај го тоа што го зборува. Таа може да се чувствува вознемирена на почетокот, но долгорочно ќе те почитува поради тоа.

Твојата сегашна девојка можеби нема да ти биде сопруга, но ако ги следиш моите совети, тогаш ќе изградиш доживотно пријателство со неа и која било друга. И можеби следната девојка што ќе ја запознаеш ќе биде како мајка ти.

„Љубовта е трпелива и љубезна, љубовта не завидува и не се фали, не е арогантна или груба. Не инсистира на својот начин, не е иритирачка или огорчена, не се радува на неправдата, туку се радува на вистината“.

Те сакам,

тато.

Автор: Алекс Лим

Извор



912

X