Бачев во СТУДИО 10: Ги бојкотираме претседателските избори, а трајно ќе го решиме проблемот на пензионерите

Единствена Македонија настапува со осум други субјекти, со што е направено социјално обединување, а ова е особено битно за пензионерите кои се најсилна гласачка група и ако гласаат за Единствена Македонија ќе можат од Парламентот да се ги решаваат проблемите, вели Јанко Бачев, претседател на „Единствена Македонија“ во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Линеарно зголемување на пензиите, зголемување на пензиите на ниво на минимална плата и укинување на плаќањето партиципација во вид на закони ги предложивме во Собранието, но не беа прифатени. Ние нудиме трајно зголемување на пензиите, а не предизборни ветувања како што нудат другите партии кои беа во Собранието, а не гласаа за овие закони, вели Бачев.

Тој вели дека настапуваат во пет изборни единици, а во ИЕ6 била отфрлена нивната листа поради технички причини. Бачев вели дека носители на листи и кандидати за патеници се квалитетни и познати личности, а на гласачкото ливче се под број осум.

Единствена Македонија ги бојкотира претседателските избори и не сака да поддржи ниеден од двајцата кандидати оти сметаат дека е погрешен избирачкиот список и пресметките на излезноста затоа што половина милион гласачи се веќе иселени. Втората причина што не поддржуваат ниеден од претседателските кандидати е затоа што сметаат дека штетно постапувале кон Македонија и Македонците, а за дел од нив сметаат дека се странски марионети.

- Ако претседателските избори бидат неуспешни, за 40 дена ќе има нови избори на кои нема да ги има овие марионети, вели Бачев и повикува граѓаните да гласаат за личности, а не за партии.