Достапни линкови

„Детергентот во Германија подобро пере“: Разликата во квалитетот на производите во и надвор од ЕУ


Супермаркет, илустрација
Супермаркет, илустрација

За двете години што ги поминала на студирање во странство дваесет и петгодишната Божана Машановиќ вели дека забележала дека квалитетот на производите што ги купила таму се разликува од производите што и се достапни во Црна Гора, каде што е родена.

Во разговор за Радио Слободна Европа (РСЕ) таа објаснува дека не била изненадена бидејќи уште пред да замине на студии веќе се водеше голема дебата за послабиот квалитет на производите што се пласираа на пазарите на Централна и Источна Европа.

„Првото нешто што го забележав беше добро познатиот момент околу Нутела. Навистина имаше разлика во вкусот и цената. Ми се чини дека плаќаме повисока цена за истото количество нутела, а претходно слушав дека добиваме понизок квалитет кај овој производ, односно нутела со помалку лешници. Истото сум го забележала и за многу други производи, да речеме за козметика или производи за нега на лице и тело воопшто. Дефинитивно има разлика“, изјави Машановиќ.

Практиката на таканаречениот „двоен квалитет на производот“, односно разликата во квалитетот на стоката на ист производител што се пласира и во самата ЕУ и на пазарите надвор од неа, беше откриена на почетокот на 2017 година и наиде на силни реакции и меѓу земјите-членки на ЕУ и во официјален Брисел.

Тогашниот претседател на Европската Комисија, Жан-Клод Јункер изјави дека нема да прифати во некои делови на Европа на луѓето да им се продава храна со послаб квалитет отколку во други земји.

„Сега мора да им дадеме на националните власти посилни овластувања да ги прекинат сите незаконски практики каде и да постојат“, рече Јункер во 2017 година.

Откако беше откриена оваа практика, Европската Комисија ја усвои Директивата за модернизација, која воведе посебна одредба поврзана со двоен квалитет во Директивата за нефер деловни практики.

Оттогаш, заедничкиот истражувачки центар на Комисијата спроведе неколку студии кои покажаа дека уделот на прехранбени производи со исто или слично пакување, но различен состав, се намалува во рамките на ЕУ. Додека овие производи сочинуваа 31 отсто од тестираните примероци во 2018 и 2019 година, во 2021 година нивниот удел падна на 24 отсто, според веб-страницата на Европската Комисија.

Беше најавено дека Комисијата во 2024 година ќе поднесе извештај за имплементацијата на Директивата за модернизација и нејзината подобра примена, вклучувајќи ги и правилата поврзани со „двојниот квалитет“.

Официјален претставник на Европската Kомисија за РСЕ објасни дека земјите-членки на ЕУ треба да ја применат Директивата за модернизација во нивното национално законодавство до 28 ноември 2021 година, а националните закони треба да почнат да се применуваат од 28 мај 2022 година.

„Досега сите земји-членки освен една ја имплементираа Директивата за модернизација, вклучувајќи го и овој амандман на Директивата за нефер деловни практики“, рече претставник на Комисијата.

Искуства од најмладата членка на ЕУ

Најмладата земја-членка на ЕУ, откако беше обелоденето постоењето на двоен квалитет на производите, спроведе студија која потврди дека граѓаните на Хрватска јадат храна со послаб квалитет од Германците, а покрај тоа, таа е генерално многу поскапа.

Претседателката на Хрватското здружение за заштита на потрошувачите (ХУЗП), Ана Кнежевиќ, изјави дека тамошната агенција за храна - ХАХ, во соработка со овластени лаборатории и на иницијатива на хрватската пратеничка во Европскиот Парламент Билјана Борзан, направила споредба на квалитетот на 80 производи на хрватскиот и германскиот пазар.

Тој потсетува дека случајот со компанијата Нутела најмногу одекнал во јавноста, бидејќи се покажало дека намазот на компанијата има повеќе шеќер и помалку лешници во Хрватска отколку во Германија.

„Работите не се многу подобрени. Оправдано се сомневаме дека сè уште имаме производи со двоен квалитет. Во тие случаи луѓето најчесто го контактираат Здружението ако, на пример, живеат во Австрија или Германија и купуваат детергенти Персил или Ариел, каде што разликата во квалитетот е најзабележителен. Не се исти алиштата што се испрани со Ариел купен овде или во Германија или Австрија“, изјави Кнежевиќ за Радио Слободна Европа.

Во Црна Гора, која претендира за членство во ЕУ, такво истражување не е спроведено, барем не во периодот од мај 2022 година, кога стапи на сила примената на Директивата за нефер деловни практики, вели претседателката на Црногорското друштво за заштита на потрошувачите (ЦЕЗАП) Олга Никчевиќ.

Никој овде не ги направи тие анализи, немаме ни лаборатории кои би можеле да прават екотоксиколошки истражувања. Не сум свесна дека државата презела такви чекори, таа приказна не излезе на виделина во јавноста“, рече Никчевиќ.

Таа додава дека освен во работата на ЦЕЗАП, таа и во секојдневниот живот се среќава со „двојниот квалитет на производот“.

„Овде добивме чоколада Милка на подарок во многу лошо пакување во однос на некои што беа претходно. Го погледнавме составот на кој пишува дека чоколадото содржи 60 проценти шеќер. Не можете да го проголтате од толку што е благо, да не зборуваме колку е штетно“, раскажува Никчевиќ.

Таа е децидна дека двојниот квалитет на производите е неправедна деловна практика и ги доведува во заблуда потрошувачите.

„Класична измама која секако е казнива со закон, со наш закон и се надеваме со кој било друг. Жртвата е секогаш потрошувачот. Потрошувачот е навистина цел на разни измами, а тоа се големи компании“, предупреди Никчевиќ за РСЕ.

Што прави Брисел?

Официјален претставник на Европската Комисија рече дека оваа институција нема директни извршни овластувања во областа на правото на ЕУ за потрошувачи, па затоа останува на телата за заштита на потрошувачите на земјите-членки на ЕУ да проверат дали компаниите ги почитуваат своите обврски од Законот на Европската Унија за заштита на потрошувачите, вклучително и областа на „двоен квалитет“.

„Сепак, Европската Комисија ја координира и ја поддржува работата на тие тела во прекугранични ситуации, особено кога прекршувањата се однесуваат на неколку или повеќето земји-членки на ЕУ“, рече претставник на Комисијата.

Како што рече, бидејќи прашањето за „двоен квалитет“, по својата природа, се појавува во прекугранични ситуации, Комисијата презеде решителни мерки за поддршка на откривањето на случаите со „двоен квалитет“.

„На пример, преку обезбедување насоки за постоечките закони, развивање заедничка методологија за тестирање и споредување производи низ ЕУ, обезбедување финансирање за телата и организациите на потрошувачите да развијат капацитет за тестирање или истражување како земјите-членки или претставниците на потрошувачите и трговците можат да користат современи ИКТ алатки за откривање на практики со „двоен квалитет“, рече претставникот на ЕУ.

Тој рече дека директивите на ЕУ за заштита на потрошувачите, вклучително и директивите за модернизација и нефер деловни практики, мора да ги применуваат сите земји-членки на ЕУ, а трговците насочени кон потрошувачите на ЕУ мора да се усогласат со релевантните национални закони со кои се пренесуваат тие директиви.

„Земјите-кандидати (за членство во ЕУ) мора да го усвојат законодавството на ЕУ пред да се приклучат на Унијата. Тие мора да го вградат во нивниот национален правен поредок до денот на пристапувањето во ЕУ и од тој ден тие се обврзани да го применуваат“, рече претставник на ЕУ.

Тој рече дека потрошувачите во Европската Унија имаат корист од многу високо ниво на заштита на потрошувачите, додавајќи дека би било корисно за другите земји да усвојат слични нивоа на заштита, особено соседните земји и оние со перспектива за членство во ЕУ во иднина.

Како да се надмине јазот помеѓу регулативите и имплементацијата?

Кнежевиќ го гледа проблемот во тоа што потрошувачите во Хрватска не се доволно едуцирани и информирани за своите права. Таа земја, како што појасни, има национални програми за заштита на потрошувачите за период од четири години, во кои меѓу другото е наведено дека во наставните програми ќе биде вклучено и образованието на потрошувачите.

Сепак, тоа се уште не се случило, иако практиката покажува дека образованието значително би ги подобрило работите.

„Имавме некои проекти со ученици во основните и средните училишта и видовме дека тие не знаат ништо за тоа, но дека многу добро реагираат кога им се даваат информациите. Во едно основно училиште во Сисак разговаравме со учениците од седмо одделение разликата помеѓу „Користете го до“ и „Најдобро употребете го до“...

„Потоа вториот ден добивме повици од мајки кои ни рекоа дека нивните деца им наложиле да не го фрлаат оризот што е добар, иако му поминал датумот. Значи - функционира“, смета Кнежевиќ.

Таа изјави дека не е доволно да се донесе законска одредба, туку дека е важно како таа се применува во пракса.

„Нашиот закон за заштита на потрошувачите го вклучи тој главен квалитет, но за потрошувачите не значи ништо кога нема можност да се контролира колку е ефективен во пракса. Лошо се применува во пракса. Кога (потпретседателката на Европската Комисија) Вера Јурова го покрена тогаш сите западни земји беа згрозени затоа што не можеа да поверуваат дека производи со различен квалитет се продаваат под ист бренд во земјите од Централна и Источна Европа. Затоа се започнати овие регулативи, но донесувањето регулатива е една работа , но неговото спроведување е нешто сосема друго“, рече Кнежевиќ.

Решение за таа ситуација има, а таа го гледа во финансиската поддршка од надлежните министерства за проекти за тестирање на храна.

„Германското здружение на потрошувачи, на пример, добива посебни пари од Министерството за земјоделство за тестирање на храна и производи. Ако имавме таков буџет и ако нашето министерство не финансираше, тогаш ќе можевме да тестираме производи за кои се сомневаме дека се со двоен квалитет, да ги објавиме резултатите и да ги повикаме потрошувачите да не ги купуваат. Потрошувачите се регулатори на пазарот, ако не купиме нешто, тогаш тоа не може да се продаде. Се додека потрошувачите немаат информации дали е добро или не - тие го купуваат тоа“, изјави Кнежевиќ.

Во меѓувреме, според нејзината проценка, состојбата за потрошувачите само се влошува.

„Колку повеќе се носат директиви и колку повеќе се усогласуваме со нив, толку повеќе проблеми имаат потрошувачите бидејќи квалитетот на сè, дефинитивно е девалвиран“, заклучи Кнежевиќ.

Никчевиќ вели дека граѓаните на Црна Гора лесно би можеле да се заштитат со донесување закон кој ќе пропишува какви производи не смеат да се увезуваат.

„На пример, ова чоколадо кое има повеќе од 30 проценти шеќер. Пред пет-шест години утврдивме дека има многу сол во нашите домашни, но и увозни производи од регионот. На пример, имавте 17 проценти сол во пршута, која навистина не е за хумана употреба. Законот тогаш одредуваше колкав е максималниот процент на сол и тоа се почитуваше, нема повеќе такви ужасно солени сувомеснати производи“, рече Никчевиќ.

Црна Гора, како што наведе, нема специјализирана лабораторија за испитување на содржината на производите, но затоа може да им плати, на пример, на соседна Србија или Хрватска за вршење на овие анализи.

„Но, прво треба да се знае што е дозволено, а што не. Тоа не го знаеме и дали е постапено според тогашниот заклучок. Контролата допрва ќе се прави, а дали ќе заврши во 2024 година, останува да се види“, заклучи Никчевиќ.

Во меѓувреме, како што забележува Машановиќ, многу граѓани се запознаваат и „порачуваат“ одредени производи од познаници кои патуваат или престојуваат во странство. Сепак, како што рече, понекогаш граѓаните едноставно немаат избор и мора да го искористите она што моментално се нуди.

„Доколку купуваме одреден производ, ние сме должни да ја погледнеме етикетата. Како што тие (производителите) се обврзани да ја наведат содржината на етикетите, ние сме должни да погледнеме одблизу што е таму, но и на крајот да бидеме одговорни и да го пријавиме“, рече Машановиќ, потсетувајќи ги граѓаните дека на располагање им стојат и веб-страниците и апликациите каде може да се провери датумот на производство и потеклото на производите што ги купуваат.

XS
SM
MD
LG