Српските челници со остри тонови врз Македонија по одлуката официјално Скопје да биде коспонзор на резолуцијата за Сребреница

Бура реакции, критики и навреди на сметка на Македонија, донесе поддршката за Резолуцијата за Сребреница. Дрскост, бесрамност, неблагодарност и цинизам, се дел од епитетите упатени до официјално Скопје, по изјавата на шефот на дипломатијата Османи дека Македонија е коспонзор на документ кој ќе се гласа во ОН, за прогласување на 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање и комеморација на геноцид во Сребреница.

Шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ упати прашање до Османи - дали сака да поднесе резолуција за геноцидот на Србите во Јасеновац, заедно со Србија?

- Тоа е цинизмот што постои на нашите простори, дека е важно да се води антисрпска политика и згора на сето тоа нè повикуваат да учествуваме во тоа. Дали треба да бидеме на страната на нацистите за да бидеме почитувани. - рече Ивица Дачиќ МНР на Србија за ТВ Б92.

Со уште потешки зборови се обрати Александар Вулин, поранешниот министер за одбрана, за внатрешни работи на Србија и екс директор на српската Безбедносно-информативна агенција (БИА).

- Знаат Северните Македонци дека нивниот глас не значи ништо, ни кога се одлучува за нивното име или јазик, а уште помалку за Србите, па затоа можеле барем да се воздржат доколку не можат да ја поддржат Србија. Северна Македонија навистина треба покрај името и историјата да го смени и јазикот, како што и бараат Бугарите, навистина е глупаво да користат речник во кој немаат зборови за чест, благодарност, пријателство, слобода, срам. - изјави Алекдандар Вулин.

Реагираа Македонците во Србија. Порачаа дека потегот на Османи е класична злоупотреба на функцијата и треба да сноси одговорност. Ги повикаа надлежните институции да се оградат од изјавата на Османи , за која велат дека ги засега и нив како народ во Србија.

А навредите се рефлектираа и во Македонија. Коалициониот партнер на ВМРО ДПМНЕ и претседателот на Демократската партија на Србите, пратеникот Иван Стоиљковиќ,порача дека непријателството кон Србија е подигнато на највисоко ниво и дека геноцидот во Сребреница е „некрофилски Дизниленд“. Реагираше Бошњачкиот демократски сојуз.

- Го повикуваме ВМРО да се огради од Стоиљковиќ и да превземат соодветни мерки против вакви ликови кои поткнуваат етнички раздор и етничка омраза, особено поради фактот Собранието на Р.С.Македонија ја усвои Декларацијата за поддршка на Резолуцијата на Европскиот парламент за Сребреница во 2009 година кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт. - изјави Адмир Ујкановиќ Бошњачкиот демократски сојуз.

Вчера на прашање на ТВ 24 до Бујар Османи како, Резолуцијата за Сребреница ќе влијае на односите со Србија, порача дека не очекува нарушување на релациите и го повика официјален Белград да гласа за документот во ОН.