Три чисти

Проф. д-р Ана Чупеска / Фото: ''Слободен печат''/ Драган Митрески

Секој политички ексклузивизам (не само етничкиот) е како мека смртна постела за демократијата. Примамлива, топла, но, фатална

Совршено јасно станува дека изборите што ни претстојат нема да бидат воопшто здодевни. Ќе се изнагледаме и изнаслушаме фантастични будалштини, како и досега впрочем, но со една голема разлика. Таа разлика е врзана за релацијата помеѓу „дробењето за реалноста“ и „реалноста како таква“. Или, дискрепанцата меѓу фантазиите што ќе ги мобилизираат гласачите и остварливите потенцијали на тие мечти.
И сега кога претседателските кандидат(к)и, имаат единствена можност да понудат решенија, веќе се гледа дека ќе ја пропуштат шансата за тоа, и веќе прибегнуваат кон „дробење празна слама“.
Тука, невозможно е да не забележиме дека има и една вистински заедничка идејна блискост меѓу Максо, Гордана и Билјана? Верувам, дека таа сличност треба да биде јасно евидентирана.
Прво, тоа е еден „тажен“ македонски национализам, испомешан со етнопопулизам и ексклузивизам. Но, истовремено е непримерно демоде и неодржлив за долгорочната македонска држава, реалност и нејзин развој.
Ќе речете, можеби, дека е легитимно конечно и да се артикулира тој разгневен македоноцентричен драјв, и ќе најдете можеби и оправдување за тоа, за сметката на некои други, актуелни национализми.
FINE.
Но, на крајот, дали тие етнодегенерични политики кои никако да сфатиме дека водат во амбис, се вистина политички целосходни: сега и овде? Убедена сум во спротивното! И дали воопшто таквите политики имаат некаква цел? ДА, одговорот е во можноста за дестабилизација.
Кој е поголем патриот мили мои: тој што мисли дека земјава е негова етничка сопственост, или тој што е соочен со реалниот социјален диверзитет во неа и си ја адаптира политиката целисходно на тие социјални факти? (на пр. со ОРД, со Преспански, со ЕУ).
Или, кој е поголем патриот, тој што ќе ја восприема реалноста со сите нејзини несовршености и се обидува да најде најдобро и најреално можно решение или тој што се занесува и се фали со патриотизам, а за ништо нема ни решение, ни визија, а бога ми ни м.а.
Аман веќе од таквиот патриотизам. Видовме до кај може тој да се истопори.
Патем, секој политички ексклузивизам (не само етничкиот) е како мека смртна постела за демократијата. Примамлива, топла, но, фатална. Тоталитарна, логика е тоа, мили мои. Не фрлајте камења по неа со тоталитарната логика за смртта. SS одреди, мислам дека стварно не ни се непотребни, а ене ги во Газа, Украина, Африка и низ светот ораат како пред ВСВ.
Значи, сите можни етнокорпоративизирани нацибољшевистички гласања, без разлика од чија крвна група се, се фактички атак врз самата демократија. Во вакви околности на глобални предизвици како за демократијата, така и за безбедноста ова е „пута миљон“.
Така доаѓаме до втората сличност на тројцата кандидати од погоре и нивните копии во другиот етноблок. Имено, третманот на демократијата. Со други зборови, сличноста се состои во демагошкото промовирање на демократијата, кај тројцата (и нивните пандани, можеби дури и заемно предизборно согласни на ваква реторика?!). Максо, на пример, се декларира како социјалдемократ со десни национални идеи?! Нешто невидено досега. Биљана отворено пее песни НАТО „зликовци“, додека Гордана вели дека е ЗА Копенхашките критериуми – истовремено негирајќи ги истите тие критериуми – со самиот факт што ја негира преговарачката рамка во која барањето за уставни измени е подведено под нивна референца. Дозволете, тука една лична забелешка: многу ми е жал што мојата омилена професорка никако не можам да ја оправдам како политички вешта и реалистична персона.
Сите тројца го негираат Преспанскиот Договор (што нè одблокира од НАТО-членство и благодарение на него сме под безбедносен штит);
Сите тројца имаат и против Преговарачката рамка (која е гарант за нашата ЕУ асоцијација);
Сите тројца не нудат подобро и/или реално остварливо решение.
Третата сличност меѓу посочените, е за мене и најопасната, а таа лежи во палигенетските повици кои по дефиниција се „фашистички“, и т националпреродбенички апели кои имаат цел за осакатување на аудиториумот што треба да гласа: тенденцијата е народот да се чувствува мизерно, уплашено, заборавено. Тоа оди на линија: да го вратиме достоинството на Македонците и идентитетот; западот не е фер; меѓународната конспирира против нас и слични тралалајки; сè се тоа фрази на патолошки песимизам, мистерија, тонење, црнила од Чашуле … Со еден збор, Македонецот го прават да се чувствува како згмечено г…о, што реално не е случај, туку напротив, баш ќе биде згмечен Македонецот токму тогаш ако се „отчлени“ од НАТО, или, кога нема да има меѓународен субјективитет и комуникација; и кога ќе застане гордо ПРОТИВ СИТЕ среде виорот на Преговорите што ги блокираше самиот. Тоа е реалната и фактички десубјективизираната смрт на Македонецот. Не овие лажги со опашки. Не, ова што овие тројца се обидуваат да го прикажат.
Жална е ваквата реторика, и лажна е барем кај десно ориентираниот социјалдемократ и кај ценетата Гордана; на Биба, природно ѝ припаѓа таа реторика со оглед на партијата што ја кандидира.
Затоа прашувам, спремни ли сте да се носите со вашите актуелни пароли ако ве донесат до Вилата на Водно.
Или веќе смисливте идни оправдувања од типот „кратовчани простете, благодарам неготинчани“ тоа ли е рецептот? Имате ли „три чисти“?
Тука ќе застанам, до следната пригода.

Либертас

(Авторката е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот