И покрај многубројните негативни искуства од породување споделени од жени на фејсбук-страницата „СТОП ЗА АКУШЕРСКОТО НАСИЛСТВО“, се појавила објава на мајка која неодамна се породила во Германија и таа зборува за сосема поинакво, позитивно искуство врз основа на квалитетот на персоналот и условите во тамошното породилиште.

Како што наведува оваа Србинка, иако живее во странство, темата за акушерското насилство во Србија ѝ е блиска, па сакала да го сподели своето искуство од Германија.

„Навистина сум шокирана од објавите што ги прочитав во оваа група. Се надевам дека мојата приказна ќе даде увид во методите што се користат надвор од Србија и можеби ќе даде идеја како може работите би да се подобрат“.

Мајката ја започнала приказната со искуство од нејзините денови кога била бремена и дека трудничкиот картон кој се пополнува е ист за сите трудници. „Според тоа, без разлика кај кој гинеколог одите, секој лекар ќе ги прави истите анализи и сѐ ќе ви биде заведено во евиденција, освен ако нема потреба од некои дополнителни прегледи. Здравственото осигурување го покрива школата за трудници, каде што неретко се присутни и партнерите и каде што бремените жени и нивните партнери се едуцираат за самото породување, а сите информации надвор од тоа (совети за доење, грижа за деца итн.) ги добива бремената жена од нејзината избрана бабица, која применува домашни посети по потреба, најмногу 20 пати во текот на бременоста и над 30 пати по породувањето“.

Жената која се породила во Германија ја продолжува својата приказна детално: „Моето породување започна со пукање на воденикот една недела пред очекуваниот датум. По прегледот се покажа дека бебето е добро и можеме да чекаме контракциите да почнат да се јавуваат редовно. Ми рекоа дека не сум должна да останам во породилното одделение, но да не се оддалечувам многу од болницата. Затоа, јас и мојот сопруг решивме да го поминеме времето во мензата и во болничкиот парк“.

Во овој период таа одела на прегледи на секои два часа, каде што ги мереле пулсот на бебето и интензитетот и зачестеноста на контракциите. „Контракциите не престанаа дури по 12 часа откако пукна воденикот, па немаше потреба од индукција. Ми рекоа дека постојат различни видови лекови против болки и дека ако сакам и кога сакам, можеме да почнеме со лекови“.

А за тоа како изгледа болничкото опкружување во Германија, таа напишала: „Секоја жена е во посебна породилна соба со широк кревет, јога-топка, јаже, монитор каде што се следат контракциите и бања. Некои соби имаат и голема када, ако жената сака да се породи во вода. Мојот сопруг беше цело време со мене и ми даваше вода, сок и енергетски чоколатчиња и комуницираше со мене и бабицата бидејќи јас не бев во можност. На трудниците им е препорачано да јадат и пијат за време на породувањето за да имаат доволно сила да го издржат целото породување. Се отворав многу бавно и кога бев отворена околу 8 сантиметри, телото почна да го турка бебето надвор“.

Меѓутоа, бабичката ѝ дала до знаење дека не е доволно отворена и не треба да турка, но во тој момент не можела да го контролира телото. „Побарав епидурална анестезија и анестезиологот дојде за околу 15-20 минути. Докторот доаѓаше повремено да направи ултразвук за да види во каква положба е бебето. Околу 24 часа откако пукна воденикот, докторот ми кажа дека бебето е заглавено во најтесниот дел од грлото на матката и дека не може да ја сврти главата настрана за да излезе. Предложи да направиме царски рез“.

Откако докторот ѝ ги претставил потенцијалните ризици, за да биде свесна што се случува, а анестезиологот ѝ го објаснил планот за работа, операцијата започнала. „Мојот сопруг беше со мене во операционата сала и имавме можност заедно да го доживееме раѓањето на нашето дете, што беше навистина магичен момент за нас двајцата. Педијатарот го прегледа бебето накратко (можеби 2 минути) и сите тројца бевме вратени во родилната сала каде што ги поминавме следните два и пол часа. Бебето цело време беше прицврстено за моите гради за да се воспостави лактацијата. Потоа јас и бебето бевме префрлени во соба каде што имаше друга жена со бебе“.

Меѓутоа, бидејќи породувањето на оваа мајка било тешко и долготрајно, докторката му дозволила на нејзиниот сопруг да ѝ се придружи и добиле семејна соба. Бабиците биле достапни со притискање на копче секогаш кога биле потребни, а оброците можела да ги избира од менито секој ден. „Бидејќи немав млеко, ми дадоа да користам електрична пумпа, чија употреба беше покриена со моето здравствено осигурување. Четири дена подоцна бевме отпуштени од болница и бабицата доаѓаше секој ден во посета првите десет дена од животот на бебето, за да нѐ прегледа двајцата. Таа ни покажа како да го капеме бебето и како да го негуваме. Бабицата продолжи да доаѓа по потреба месеци подоцна и одговараше на сите прашања за потребите на бебето и помогна во доењето. Секоја посета траеше околу еден час“.

Иако нејзиното породување било доста долго, поминало без поголеми компликации. „Генерално, задоволна сум од третманот што го добив во болница, и иако сум странец, во текот на целото раѓање се чувствував добро и имав слобода да одлучам за положбата што сакав да ја заземам и лековите што ги посакувам. Сфаќам дека многу процедури кои се вршат за време на породување, доење и нега на бебињата во Србија се прилично застарени и повеќе не се практикуваат и не се препорачани од СЗО и други организации. Исто така, барем во Нови Сад, од каде што доаѓам, голем проблем е недоволниот број на здравствени работници за бројот на пациенти што пристигнуваат“, заклучила жената.

Извор



912

X