Ова ќе им овозможи на производителите на автомобили да продолжат да произведуваат возила со мотори со внатрешно согорување

Европската комисија подготви план со кој ќе се овозможи продажба на возила со мотори со внатрешно согорување доколку тие се напојуваат од климатски неутрални е-горива. Станува збор за обид да се реши спорот со Германија, која се спротивстави на планот на Европската унија за целосна забрана на возилата со внатрешно согорување до 2035 година.

Нацрт-предлогот, според Reuters, предлага создавање на нова категорија возила во ЕУ, односно оние што работат исклучиво на CO2 неутрални горива.

Ваквите возила треба да содржат технологија која би го спречила возењето доколку користат поинакви горива, се вели во нацртот. Ова би вклучувало систем кој би го спречил возилото да стартува доколку се напојува со неклиматски неутрални горива.

Ова ќе им овозможи на производителите на автомобили да продолжат со производство на возила со мотори со внатрешно согорување и по 2035 година, крајниот рок предложен од ЕУ за забрана на продажба на нови возила со таков погон.

Членовите на Европската унија и Европскиот парламент го договорија законот минатата година, по неколкумесечни преговори. Но, германското министерство ги изненади другите земји-членки овој месец кога во последен момент вложи приговори за законот, неколку дена пред конечното гласање за негово стапување во сила.

Германското министерство бара од ЕУ да дозволи продажба на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување доколку тие се напојуваат со е-горива.

Портпаролот на Европската комисија одби да го коментира нацрт-документот, но потсети на изјавата на европскиот комесар за клима Франс Тимерманс, кој минатата недела изјави дека секое решение мора да биде во согласност со законот договорен минатата година. 

„Во тек се дискусии меѓу Комисијата и германските власти“, изјави портпаролот.

Официјален претставник на ЕУ за Reuters изјави дека секој предлог за регистрација на автомобили со е-гориво ќе биде направен само откако конечно ќе биде усвоен законот за постепено укинување на моторите со внатрешно согорување. Е-горивата се произведуваат со синтетизирање на заробените емисии на јаглерод диоксид и водород произведен со електрична енергија, без CO2. Таквите горива сè уште не се произведуваат во големи количини.

Студијата објавена во вторникот од Институтот во Потсдам за истражување на климата покажува дека сите планирани проекти за е-гориво ширум светот ќе произведат доволно гориво за да се покрие само 10 отсто од побарувачката за е-гориво во Германија за авијацијата, морски транспорт и хемикалии.