Пад на нафтата на светските берзи под 84 долари за барел - во Македонија и натаму плаќаме скапи деривати

Во вторник, на првиот работен ден по велигденските празници се очекува нова корекција на цената на горивата од страна на Регулаторната комисија за енергетика. Сите очекувања се дека цените на горивата ќе се намалат по падот на цените на светските берзи. Еден барел од суровата нафта „Брент“ се продава и под 84 долари. Но, колку тоа може да влијае врз цената во земјава ќе одлучи регулаторот со оглед на тоа што скопската рафинерија Окта со години не преработува, туку само препродава готови нафтени деривати. Главниот услов за драстично намалување на цената на горивата беше да се стави повторно во функција нафтоводот Скопје – Солун за кој имаше најави дека, по десет години ќе проработи на почетокот на оваа година. Претседателот на регулаторна Марко Бислимовски за ТВ 24 изјави дека сите потребни дозволи кои се даваат од негова страна ги има компанијата која е сопственик на нафтоводот.

„Регулаторната комисија за енергетика издаде лиценца во текот на минатата година, и мислам дека во Министерството за економија е одобрен правилникот за работа на продуктоводот. И во однос на продуктоводот од страна на Регулаторната комисија за енергетика се е завршено уште пред пет до шест месеци“, вели Марко Бислимовски претседател на РКЕ.

Од Министерството за економија ни соопштија дека продуктоводот преку кој треба да се дистрибуира дизел гориво од солунското пристаниште засега не може да биде пуштен во употреба. Од економија уверуваат дека работата не е заглавена кај нив, туку и други институции требало да завршат свои административни постапки за се да биде според стандардите. Сега се испитувале техничките услови за работа на продуктоводот, мерки и процедури во случај на несреќи, точност на мерните уреди и точност на транспортираните количини на деривати.  

„Нацрт текст на Техничките прописи и стандарди за сигурно и безбедно работење и заштита на животната средина на уредите и постројките кои се користат за безбеден транспорт на нафта/нафтени деривати се во завршна фаза на изработка и истите се доставени на мислење и забелешки од надлежните институции.“, велат од Министерство за економија.

Според информациите, капацитетот на овој продуктовод е да може да се дистрибуираат 2,5 милиони тони гориво на годишно ниво.  Што се однесува до грчка страна, од таму велат дека  може да гарантираат непречено снабдување со дизлел гориво за Македонија. Грчката компанија Хеленик Петролеум која е сопственик на Окта, поседува 80 отсто од нафтоводот, а 20 отсто се во сопственост на Макледонија. Планот на грчките бизнисмени е овој нафтовод да работи најмалку 25 години. Пресметките велат дека со проработувањето на продуктоводот Солун – Скопје драстично ќе се намалат трошоците на компаниите за дистрибуција на деривати а тоа со сигурност ќе ја намали и цената на горивата на  бензинските пумпи.