Големо враќање на Селин Дион: Позираше за „Вог“ и искрено проговори за борбата со болеста

Селин Дион / Фото: EPA / Instagram / voguefrance / cassblackbird

Популарната пејачка Селин Дион е насловната ѕвезда на француското издание на магазинот „Вог“, кој нејзиното појавување го опиша како „големо враќање“ по нејзината дијагноза. Пејачката во интервјуто зборуваше за болеста и како се бори со неа.

Помина повеќе од една година откако Дион откри дека боледува од синдром на вкочанета личност, ретко невролошко нарушување кое може да предизвика грчеви во мускулите и губење на подвижноста. Оттогаш таа во голема мера остана надвор од центарот на вниманието – ги откажа преостанатите датуми од нејзината светска турнеја „Храброст“ и наместо тоа се фокусираше на опоравување и поминување време со нејзините три сина во домот во Лас Вегас.

Пејачката го најави и својот документарец наречен „Јас сум: Селин Дион“, кој сака да го искористи за да ја подигне свеста за оваа болест.

Во интервјуто за „Вог“, Дион вели дека чекори „ ден по ден“. Како уметник кој настапува пред светската публика од својата 13-та година, Дион рече дека ѝ било тешко да се помири со дијагнозата.

„Како што гледам, имам два избора: Или ќе тренирам како спортист и ќе работам одлично, или ќе се исклучам и сè ќе заврши, ќе останам дома, ќе ги слушам моите песни, ќе застанам пред огледало и ќе си пејам за себе“, изјавила пејачката.

Таа откри дека пет дена во неделата оди на атлетска, физичка и вокална терапија.

„Работам на прстите на нозете, колената, телињата, прстите, пеам, глас… Морам да научам да живеам со тоа сега и да престанам да се преиспитувам себеси.“, објаснила таа.

Таа призна колку ѝ било тешко по добивањето на дијагнозата.

„На почетокот се прашував: Зошто јас? Како се случи ова? Што направив? Дали е ова моја вина?… Животот не ви дава одговори. Само треба да го живеете. Ја имам оваа болест од непозната причина“, рекла таа.

Дион додаде дека „има сила во себе и знае дека ништо нема да ја спречи“. А, на прашањето кога повторно ќе се качи на сцената, таа не можеше да даде прецизен одговор.

„Не можам да ви го кажам тоа бидејќи четири години си велам дека нема да се вратам, па дека сум подготвна за тоа, па дека не сум. Не можам да ви кажам денес дека ќе биде за четири месеци. Не знам. Моето тело ќе ми каже. Од друга страна, не сакам ни да чекам. Тешко е да се живее од ден на ден. Работам напорно на тоа, а можеби утре ќе биде уште потешко. Утре е нов ден. Но, има нешто што никогаш нема да заврши, а тоа е желбата, страста, соништата и решителноста“, закллучила Дион.

На фотографиите за магазинот, пејачката позира во кафена комбинација на капут и фустан и бордо додатоци – ремен и ракавици, кои ги усогласи со сандалите . Има и неколку црно-бели фотографии во кошула и долна облека, а позира облечена и во розово волнено палто.

ФОТО | Среде борбата со тешката болест: Селин Дион се појави на годинашните награди Греми

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот