Замките при генерирањето интелигентни сознанија

22.01.2024 10:59
Замките при генерирањето интелигентни сознанија

Измината седмица, македонската и албанската нација се разбудија „попарени“ од наодите на глобалното истражување за коефициентот на интелигенција на нациите, објавено на порталот „Преглед на светската популација“, а кое ги рангираше како најнеинтелигентни нации во Европа. Наодите беа пренесени безмалку од сите медиуми во републиката, целосно некритички, без притоа да се направи напор да се истражи позадината на порталот и особено на авторите на методологијата и конкретната студија.

„Преглед на светската популација – World Population Review “ е портал основан во 2011 година од лицето Шејн Фулмер, програмер и хонорарен веб-развивач кој живее во Ланкастер, Пенсилванија (САД). Фулмер себеси се претставува како човек кој ужива да креира апликации и да експериментира со визуелизација на податоци. Оваа веб-страница е посветена на глобалните податоци и трендови за населението и цели овие податоци да бидат подостапни преку графикони, анализи и визуелизации, обработени и презентирани на начин кој според порталот е политички неутрален и непристрасен. Содржината на оваа веб страница вклучувајќи ги изворите на податоци и применетите методологиии за нивна обработка и анализа е претежно оценета позитивно од низа независни оценувачи, но со исклучок токму на пресметувањето на коефициентот на интелигенција по земја, и тоа со добра причина бидејќи еден од ко-авторите на оваа студија е Ричард Лин, контроверзен англиски психолог и самонаречен „научен расист“ кој почина во јули 2023 година.

Ричард Лин ја помина научната кариера истражувајќи ја генетската врска меѓу расата и интелигенцијата, а во дел од кариерата и врската меѓу полот и интелигенцијата. Тој беше предавач по психологија на Универзитетот во Ексетер и професор по психологија на Институтот за економски и социјални истражувања во Даблин, како и почесен професор по психологија на Универзитетот Алстер во Северна Ирска. Но титулата му беше повлечена од универзитетот во 2018 година поради сексистички и расистички ставови. Впрочем, тој беше главен уредник на Mankind Quarterly, популарно списание на белите супрематисти.

Индикативно но конзистентно со пристапот на Ричард Лин е истражувањето кое во топ 10 земји со највисок просечен коефициент на интелигенција ги рангира претежно белите и нациите од далечниот исток (Јапонија, Тајван, Сингапур, Хонг Конг – Кина, Кина, Јужна Кореја, Белорусија, Финска, Лихтенштајн, Холандија и Германија). Лин верува дека тестовите за интелигенција може да се користат за да се одреди вредноста на групи луѓе, особено расните групи и нации. Богатството и моќта на нациите, според Лин, се должат на нивната расна интелигенција и „хомогеност“ или „чистота“. Тој тврди дека нациите со највисок коефициент на интелигенција мора да ги потчинат или елиминираат групите со понизок коефициент на интелигенција во нивните граници за да ја зачуваат својата доминација: „Јас сум длабоко песимист за иднината на европските народи бидејќи масовната имиграција на народите од третиот свет ќе доведе до тоа тие да станат мнозинства во Соединетите Држави и во западна Европа во текот на овој век. Мислам дека ова ќе значи уништување на европската цивилизација во овие земји“.

Карактеристична е и оваа негова изјава: „Како што процентот на неевропејци расте во Европа и во САД (и исто така во Канада и Австралија) и на крајот стануваат мнозинство, интелигенцијата на населението ќе опадне. Силата на економиите подеднакво неизбежно ќе се намали на ниво на нации во развој. Светското лидерство ќе помине врз Русија и Источна Европа, и врз Кина и Јапонија, ако тие успеат да се спротивстават на инвазијата на неевропските народи“.

Дека не се работи само за „забеган“ научник, туку за помагање во создавање (квази) научно заснована политичка доктрина со сериозен пробив во мејнстрим политиките, не треба да гледаме многу подалеку од официјалните (реактивни на миграциските процеси во Европа) ставови на Виктор Орбан во Унгарија но и на претходното полско раководство на Качински, како и на позадината на континуирано зголемената популарност на „Алтернативата за Германија“ и Народниот Фронт на Ле Пен во Франција, и други екстремно десничарски формации во ЕУ.

Составен дел на изборното тело на Трамп во САД се и белите супрематисти, а етногенетскиот национализам е во позадина и на агресијата на Руската Федерација врз Украина, војната во Газа, заканите за воена агресија на Кина врз Тајван – сега особено после спроведените претстедателски избори кои ги доби кандидат кој се залага за целосна независност на Тајван. Впрочем и целиот Западен Балкан, иако сериозно пропати и плати голема цена во човечки животи, но очигледно недоволно да се свести, е сѐ уште заложник на национал – популистички структури кои се залагаат за големи етно-национални светови, а истите со влијание кое не смее да се занемари ги има и во членките на ЕУ во нашето опкружување.

Поради ризикот некој од „интелигентните“ читатели „здраво за готово“ да ги прифати ставовите на Лин и неговите политички лојалисти и интерпретатори, и поради објективност, одлучив да ја прашам неутралната вештачка интелигенција (ChatGPT) кои се главните карактеристики на едно интелигентно човечко суштество? Притоа мојата појдовна премиса е дека колку што сме индивидуално поинтелегентни толку е и нацијата поинтелигентна. Во продложение е одговорот на оваа алатка управувана од технологија за вештачка интелигенција, дополнета со неколку мои сатирични размисли, бидејќи хуморот, па и црниот, е интелегентна особина.

Дефинирањето на клучните карактеристики на интелигентно човечко суштество може да биде субјективно, бидејќи интелигенцијата е сложена и повеќеслојна особина. Сепак, некои општо признати карактеристики на интелигентните поединци вклучуваат:

Критичко размислување: Интелигентните поединци честопати се вешти во анализирање на ситуации, разгледување на повеќе перспективи и донесување образложени заклучоци. Би додал дека барем по однос на анализа на геополитичката ситуација и околности и пропуштената можност да исчекориме кон ЕУ, не се докажавме како многу интелигентни. Од друга страна докажавме дека со фокус на изборите и внатре-политичката превласт, сме супер-интелигентни, но за себе и најблиските приврзаници.

Вештини за решавање проблеми: Интелигентните луѓе имаат тенденција да бидат ефективни решавачи на проблеми, способни да најдат креативни и ефикасни решенија за предизвиците. Би додал дека барем од аспект на политичка интелигенција имаме докажано способност да создадеме проблеми таму каде ги нема или најмалку од себични мотиви да извадиме некои предизвици надвор од реалната пропорција. Колку за утеха, кај нас дома никогаш не е досадно.

Приспособливост: Интелигенцијата често се манифестира во способноста да се прилагодиме на новите ситуации, да учиме од искуствата и да се приспособиме на променливите околности. Како нација имаме докажано дека сме „вакцинирани“ на приспособливост.

Љубопитност: Интелигентните поединци обично се љубопитни и имаат силна желба да го истражуваат, учат и разберат светот околу нив. Нашата љубопитност е слична на таа на мачките кои имаат седум животи, но некој рекол дека токму „љубопитноста најмногу ги убива мачките“.

Отворено размислување: Интелигенцијата често се поврзува со отворен ум, подготвеност да се земат предвид различните гледишта и подготвеност да се ревидираат своите верувања во светлината на новите докази. Би дополнил дека ние иако неволно сме сепак поприлично отворени за различни гледишта и докази особено кога сме во нешто убедени, но ни недостасува уште малку интелигенција (треба да поработиме) да селектираме што е навистина добро за нацијата, а што е добро за поединци и групи од интерес.

Емоционална интелигенција: Ова вклучува способност да се разберат и управуваат сопствените емоции, како и да се согледаат и ефикасно да се управуват емоциите на другите. Ние сме една од најнарцисоидните нации во светот и не ни се потребни индекси тоа да го разбереме, такви сме родени и ни годи кога политичарите тоа супер-интелигентно го потенцираат. Впрочем, да си Македонец навистина звучи гордо и светски, но проблемот настанува во моментот кога онака полетани, треба без паника да се приземјиме односно пилотот (читај нашето водство) во нашиот ЕрМакедонија треба да направи принудно слетување.

Ефективна комуникација: Интелигентните поединци можат јасно да ги артикулираат своите мисли, активно да слушаат и ефективно да комуницираат со другите. Своите мисли недвојбено и секојдневно ги артикулираме и многу љубиме да бидеме слушнати, но да слушаме други и ефективно да комуницираме со другите, дефинитивно не е дел од нашата древна култура и менталитет.

Континуирано учење: Интелигентните луѓе често имаат доживотна посветеност на учење и само-подобрување, останувајќи љубопитни и бараат ново знаење. Овде очигледно ChatGPT премногу бара од нас, и не е фер бидејќи веќе направивме многу отстапки, а и онака сѐ знаеме.

Меморија: Иако не е единствениот индикатор за интелигенција, добрата меморија може да се поврзе со интелигенцијата, бидејќи помага во задржувањето и примената на знаењето. Ние се имаме родено без меморија но генетски „опулени“ и уште во колевката се стекнуваме со колективна меморија на нашите пра-пра родители, пра-родителите на нашите баби и дедовци кои во услови на зафатеност на мајките и татковците не нишале, а доколку нишањето потфрла тука се нашите историчари да се држи ритам кој вешто ќе ве заспие. И повторно колку за утеха, соседните нации имаат поголем проблем со брзо заспивање од нишањево и затоа поригорозно се потпираат на нивните историчари.

Креативност: Интелигенцијата често се поврзува со способноста да се размислува креативно, да се генерираат нови идеи и да се пристапи кон проблемите од неконвенционални агли. Имаме тешко достижна – пасивна интелигенција бидејќи сме во основа медитеранска и опуштена нација и не нервираат дисруптивни идеи и технологии, односно сме приврзаници на линеараното и извесното, сѐ додека не се случи некој сериозен тременс. Не менуваме пристап и прва екипа толку бргу, доколку навистина не мораме тоа да го сториме, особено после низа порази. Сепак, впечатлив дострел во нашето експериментирање се недостижните готварски варијации на ајвар, љутеница и пинџури кои и понатаму сме подготвени да ги развиваме па доколку е навистина неопходно, и со помош на вештачката интелигенција.

Слики: Dino Valls
Извор за текстот:
Слободен печат

Слични содржини

Општество / Свет / Живот / Теорија
Општество / Став / Живот / Теорија
Општество / Психологија / Живот / Теорија
Општество / Култура / Теорија
Општество / Живот / Теорија
Општество / Активизам / Живот / Филм

ОкоБоли главаВицФото