Кога ќе станете родител, сфаќате дека имало толку многу контрадикторни совети што ви биле упатени. Многу е лесно да се изгубите во лудилото наречено „совршено родителство“ и да се оптоварувате со тврдења кои всушност не се поткрепени со никакви научни факти. Најчесто родителството се заснова на доверба во сопствените инстинкти, но тоа може да биде збунувачко поради контрадикторните совети што кружат со години.

Затоа ви пренесуваме пет работи за кои не треба да се грижите, а кои се издвоени како најчести митови во кои веруваат многу нови родители.

Мит 1: Ако времето е студено, бебето ќе настине

Многу е лесно премногу да се грижите за вашето бебе дека ќе се разболи и ќе настине, кога е студено, но не грижете се, науката вели дека тоа нема да се случи. Додека некои истражувања сугерираат дека краткотрајната изложеност на постудено време може да го промени имунолошкиот систем на поединецот, има многу повеќе докази кои го поддржуваат доброто облекување и поминувањето време на отворено. Затоа, секогаш добро облечете го вашето малечко и уживајте на отворено без грижи.

Мит 2: На бебињата им треба тишина за да спијат

Спиењето е скапоцено, особено кога сте првпат родител и хронично ви недостига сон. Ова е причината зошто прекинувањето на спиењето на вашето бебе е нешто од што се плашите, и може да се обидувате да создадете целосна тишина околу вашето бебе со цел неговото спиење да е што подолго и подобро. Сепак, бебињата се навикнати да спијат во бучава. Запомнете дека бебињата поминуваат девет месеци во утробата на нивните мајки каде што се навикнати на звуци, а д-р Харви Карп тврди дека бебињата не само што се навикнати на звуци, туку и ги сакаат.

Мит 3: Бебињата треба вие ​​да ги забавувате

Многу нови родители се чувствуваат одговорни за забавата на своето бебе. Сепак, она што му треба на бебето не е забава, туку само вашето друштво. Новите родители не треба да се трудат да го окупираат своето бебе, доволно е да поминуваат време со него за да се поврзат. Дополнително, поттикнувањето независна игра, дури и од рана возраст, е важна вештина што детето може да ја научи.

Мит 4: Бебињата треба да се капат секој ден

Родителите се прашуваат колку често треба да го капат своето новороденче. Треба да се запомни дека бебињата не се потат толку многу како возрасните и немаат непријатен мирис, па затоа им е потребно капење на секои два или три дена. Доколку тоа е дел од вашата секојдневна рутина, не заборавајте да ја хидрирате кожата на вашето бебе со соодветни препарати.

Мит 5: Не е добро премногу да го гушкате и галите вашето бебе

Еднаш и засекогаш: Не постои такво нешто како премногу галење! Покрај тоа, гушкањето на бебето има големи придобивки за развојот на неговиот мозок, а една студија покажала дека гушканите бебиња растат поздрави, помалку се депресивни, пољубезни се и со поголемо сочувство кон другите.

Извор



912

X