Рубрика: Медицина
Соодносот добивка/ризик кај вакцините против ковид-19
Автор: Дејан Трајковски
Објавено на 30.04.2023 - 13:45

Уште на почетокот на вакциналната кампања против ковид-19 во светот, СЗО излезе со аргумент дека користта од вакцините далеку ги надминува штетите. Нашето МЗ и ВФ само го препишаа и прочитаа тоа штуро соопштение, што многумина не го разбраа како што треба. Немаше никакво објаснување, па веднаш се појавија и многу отпори кон вакцините. Од друга страна, во медиумите имаше агресивна анти-вакс кампања, што создаде слика дека луѓето повеќе умирале од вакцината, отколку што спречувале умирање од ковид.

Деновиве, две и пол години од првите вакцини и администрирани повеќе од 10 милијарди дози вакцини кај неколку милијарди луѓе, веќе има солидни статистики за да можеме да кажеме нешто поконкретно за соодносот добивка/ризик. За таа цел ќе ги земеме податоците од американскиот Центар за контрола и сузбивање на заразните болести (CDC). Во подолната табела има повеќе пресметки, но најдобро е веднаш да одиме на заклучоците.

Морталитетите на 100 илјади лица, вакцинирани и невакцинирани, се прикажани по старосни групи во втората и третата колона. Соодносите на морталитетите, т.е. ризиците од смрт (Risk Ratio - RR) кај вакцинираните и невакцинираните се во четвртата колона, а намалувањето на ризиците (Risk Reduction Ratio - RRR), што грубо одговара на ефикасноста на вакцините (VE) е дадено во петтата колона. Во 6-тата и 7-мата колона е прикажана демографската структура на населението во САД, а во 8-мата и 9-тата колона е прикажан морталитетот од сите причини во текот на 2020 година. Во помалата табела (долу лево) е дадена структурата на вакцинираните по возрасни групи.

Сосема накратко, намалувањето на ризикот од смрт од ковид кај вакцинираните во однос на невакцинираните изнесувало 98,53%. Оваа бројка, иако точно пресметана, е малку претерана бидејќи вакцините се појавиле речиси цела година по избувнувањето на епидемијата, па умреле голем број чувствителни лица, што малку ја искривува статистиката. Поточни беа анализите на ефикасноста вршени истовремено, во од, непосредно по давањето на вакцините. На пример, ги вршев и јас за Македонија, според кои ефикасноста (додека МЗ даваше податоци) изнесуваше околу 90% (што веројатно се должеше на кинеските вакцини дадени на старите лица, но тоа е сосема друга приказна).

Најмногу ќе се задржиме на најстарата група, лицата над 65 годишна возраст, бидејќи кај нив имало и најмногу пријавени смртни случаи од наводни несакани дејства. Во датабазата VAERS во САД за две години биле пријавени 9272 починати, после примањето вакцина против ковид. Најголем број од нив биле постари од 65 години, но и без докажана врска помеѓу смртта и вакцинацијата – едноставно семејствата се посомневале и пријавиле. Овој број одговара на двогодишен морталитет, после примена вакцина, од 19,1 починати на 100 илјади лица постари од 65 години. Од друга страна, морталитетот за три години кај невакцинираните изнесувал 725,8 починати на 100 илјади, постари од 65 години. Да не споредуваме со морталитетот од сите причини, што е уште многу поголем (5963/100 илјади).

Соодносот на ризици изнесува 25,3 : 1, односно морталитетот од ковид кај невакцинираните бил 25,3 пати поголем отколку наводниот морталитетот после вакцината (без докажана врска). Тоа е првото мерило на соодносот добивка/ризик, прилично убедливо иако и прилично грубо, а секако и неточно и бара дополнителни објаснувања.

Второто мерило е далеку поубедливо, а ги зема предвид докажаните смртни случаи од нарушувања на коагулацијата, предизвикани од вакцините. Од крвни тромбови, најмногу од вакцината на Џонсон & Џонсон, а помалку од Фајзер & БиоНТек, ризикот од нарушување на коагулацијата (но не и смртен случај) изнесувал 0,09 – 0,27 на 100 илјади вакцинирани. Најголем број биле жени, на возраст под 50 години. Тука се вклучени CVST (cerebral venous sinus trombosis) и TTS (trombosis with trombocitopenia syndrome). Од тие што развиле CVTS и TTS умреле само 4,6% луѓе, односно во апсолутни бројки 48 лица (до 11.4.2022), речиси сите жени. Соодносот на морталитетите (умрени од ковид без вакцина во однос на умрени од тромбови после вакцина) изнесува 3024,2 : 1, сведено на ист временски период (3 наспроти една година).

Токму ова второ мерило дава најдобра претстава за соодносот добивка/ризик, што не им беше објаснет на луѓето на задоволителен начин. Да повториме, шансите да се умре невакциниран од ковид биле 3024 пати поголеми отколку да се умре од самата вакцина.

На крај само да кажеме дека овие пресметки имале смисла пред масовното прележување и вакцинирање. Денеска, при прележаност далеку над 90% (во Хрватска ја процениле на 96,5%) повеќе нема смисла да се зборува за вакцинација, но вакцините одиграле многу важна улога и спасиле многу животи (за ова исто така имав пресметки на ниво на Македонија), токму кога беше најважно. Единствениот проблем беше доцнењето од околу една година, времето што беше потребно за развој и тестирање на вакцините.

Клучни зборови: