„Цветаме“ во поглед на платите, Деспотовски вели дека реалната плата во Македонија најмногу пораснала од цел Западен Балкан

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски вели дека Македонија има највисоко ниво на раст на реалната плата и на продуктивноста од сите шест земји од регионот на Западен Балкан и додава дека тоа го покажал ивештајот на Светската банка. Тој додаде дека само во Технолошко индустриските развојни зони во овој период има речиси за три пати зголемување на бројот на работни места споредено со 2016, како и двојно зголемени плати, кои последниве три години се над националниот просек.

„И затоа можам да ви кажам чесно дека од 2017 до 2023 имаме во Зоните близу 12.000 нови работни места и скоро двоен раст на платите. Во 2017 сме имале некаде околу 20.000 нето плата, сега имаме над 40.000 просечна нето плата. Така што сакам со тие бројки да зборувам, бидејќи тие се конкретните ефекти коишто оваа Влада односно секоја влада треба да ги испорача кон граѓаните“, посочи Деспотовски.

Според Деспотовски проекциите за зголемен раст на платите и просечна плата од 1100 евра е реално остварлива, а тоа се базира на досегашните резултати и учинок.

„Ветувањата се базираат на тоа што сме го оствариле до сега. Ако пред 4 години  сме ветиле дека платата ќе биде 500 евра, а сега сме го надминале тоа и сме на ниво од 650 евра, тоа значи дека имаме учинок врз база на кој можеме да кажеме дека можеме да продолжиме со овој тренд и понатаму. Бројките не се ставени случајно, и тие се реални и остварливи. Остварлива е 1100 евра просечна плата до 2028, па дури и порано. Не се работи само да ветите нешто туку и да покажете дека можете да го релизирате. А ние во делот на економијата покажавме дека она што сме го ветиле сме го реализирале и надминале,“ дециден е Деспотовски.

Според Деспотовски најважно да имате зацртани цели и реализација, а не времето да се троши на пишување документи како стратегии.

„Стратегија ако зборуваме како подготовка на пишан документ може да се прави. Но често овде пишувањата на стратегии и промени на законите се користат од политичарите и носителите на јавни функции како изговор да не работат ништо. Ние во меѓувреме може да седнеме да пишуваме стратегија или да ги измениме законите, но тоа е работа која не засега нас, не ги засега граѓаните. Заради тоа е добро кога сакаме да направиме отчет пред граѓаните, не да им кажеме колку пати сме имале седници, колку пати сме дискутирале и какви заклучоци сме донеле, туку што е она што е практична придобивка за нив. А практичната придобивка се работните места и зголемени плати,“ рече Деспотовски.