Една интересна анкета објавена на „Јутјуб“ нè враќа во 1962 година на улиците на Сиднеј, кога на минувачите им било поставено едноставното прашање: „Дали мажите треба да го гледаат раѓањето на своите деца?“

Одговорите се изненадувачки современи, ако се земе предвид дека истражувањето е спроведено пред 60 години. Во нашиот регион, присуството на таткото во породилната сала било реткост, додека во некои породилишта било забрането присуството на сопругот за време на породувањето.

Ова прашање било покренато во Австралија пред повеќе од половина век, а денес, дури и за време на пандемијата на татковците им беше дозволено да присуствуваат на породувањата.

Тогаш, на улиците на Сиднеј, телевизиска екипа им поставила на мажите и на жените едноставно прашање, а одговорите биле изненадувачки позитивни.

Дали сопрузите треба да го следат раѓањето на своите деца?

Прочитајте некои од одговорите:

„Жената поминува низ многу болки, и таа поминува низ тоа патување поради себе и нејзиниот сопруг. Сметам дека сите проблеми во брачниот живот треба да се делат еднакво и затоа мислам дека сопругот треба да присуствува на породувањето“, вели еден случаен минувач.

„Мислам дека не треба затоа што жената треба да има приватност во тој дел од животот“, вели една сограѓанка.

„Убава работа е човек да го види своето дете како доаѓа на свет. Мислам дека тоа е во ред“, рекол еден постар господин.

„Да, секако дека треба да присуствува“, рекол помлад човек.

„Кога си во брак, стануваш едно со сопругата и треба да споделувате сè“, одговорил минувачот.

„Ох, можеби тоа не би било толку лоша идеја. Можеби тогаш не би сакале да имаат толку деца ако го гледаат породувањето“, низ насмевка рекла една госпоѓа.

„Не, мислам дека нешто не е во ред со татковците во чекалницата“, кратко одговорил на прашањето еден постар минувач.

„Зависи од темпераментот на сопругот, но и од чувствата на жената, дали таа сака или не. Но, јас лично, би сакал да бидам таму за раѓањето на моите деца“, замислено одговорил постар маж.

Помеѓу испитаниците имало и еден лекар кој негативно одговорил на прашањето: „Во одредени околности можам да присуствувам, но мислам дека има многу причини против присуството“.

„Мислам дека би било многу корисно за мажите да го видат тоа“, му рекла една постара дама на новинарот.

Под видеото биле објавени грст позитивни коментари кои најмногу се однесуваат на позитивните одговори и прогресивноста на анкетираните постари граѓани.

Извор



912

X