24 тема: Што нудат партиите за здравството?

Модернизација на болниците, нова опрема, вработувања, повисоки плат. Ова се само дел од ветувањата на партиите во изборните програми во делот на здравството. Здравството останува меѓу приоритетите во изборните програми.

ВМРО-ДПМНЕ планира Национална здравствена стратегија. Во првите 100 дена постапка за 500 нови ургентни вработувања за здравствениот кадар со нерешен статус. Укинување на економските директори, а за деценскиот проект - нов клинички не најавуваат рокови, туку анализа на сите досегашни проекти. Во фокусот на програмата е и Мој термин.

- Закажувањето на термините во системот Мој Термин ќе биде транспарентно, а листите преку дигитална шифра и број ќе бидат достапни на увид за секој матичен лекар и пациент. Предвидуваме граѓаните да можат да ги земат лековите од аптека врз основа на рецепт од доктор специјалист, а потоа Фондот да ги рефундира средствата на самите аптеки. - велат од ВМРО-ДПМНЕ.

СДСМ пак ветува покачување на капитациониот бод на матичните лекари за 15% до крајот на годинава, регионализација на онколошките центри, како и бесплатно јавно здравство за сите осигуреници.

Во фокусот на СДСМ се и платите на здравствените работници. За изградбата на нов клинички центар ќе бараат државен консензус.

- Платите ќе пораснат, со примања од 80.000 до 180.000 денари, а специјализантите ќе добиваат најмалку 60.000 денари. Целосно ќе се укине партиципацијата од 20% за услугите во јавното здравство, во мрежата на ЈЗУ. Годишно ажурирање на позитивната листа на лекови од реномирани производители. - велат од СДСМ.

Укинување на економските директори стои и во програмата на Левица. Освен тоа оваа партија најавува и враќање на здравствената администрација под министерството за здравство, избор на директори на клиниките по пат на интерно галасање од самиот медицински персонал, дуплирање на цените за странци кои користат здравствени услуги во Македонија како и гарантирано вработување во јавното здравство на најдобрите студенти на медицинскиот факултет.

- Интегрирање на приватните болници во системот на јавното здравство (здравственото осигурување по автоматизам да важи и во приватното здравство). Укинување на авансното плаќање за лекот, а потоа рефундирање на средствата од страна на фондот со воведување на нова упростена која ќе овозможи брза достапност на потребниот лек. - велат од Левица.

Програмата на Вреди пак, предвидува отворање центар за лекување на рани и изгореници, како и еден универзитетски клинички центар во Тетово со што ќе се обезбеди терцијарна услуга за целиот западен дел на Македонија, а ќе се намали приливот на скопските клиники.

- На примарно ниво ќе работиме на отворање клиники за семејна медицина секаде каде има над 5000 жители, вклучително и во руралните средини и поликлиники и насекаде каде има над 20.000 жители. На секундарно ниво се стремиме да имаме по една модерна болница на секаде каде има над 100.000 жители“. - велат од Влен.

ДУИ планира инвестиции во регионалните болници, дигитализација на системот, проширување на позитивната листа која не проширена повеќе од една деценија, а ветува и достоинствени плати за здравствениот персонал.

- Интеграција на Универзитетскиот клинички центар во Скопје и трансформација во новиот здравствен комплекс. Разгледување и проширување на позитивната листа на лекови. Подобрување на квалитетот и дигитализација на здравствените услуги“. - велат од ДУИ.

Синдикатите веќе порачаа дека подобрувањето на условите за работа треба да биде приоритет на идната влада, а решенија очекуваат и пациентите, кои неодамна се здружија во Алијанса на пациентски здруженија со цел да се подобрат правата и пристапот до здравствени услуги на пациентите.