Николовска во Аргумент плус: Доколку секој си ја вршеше својата работа согласно законите немаше да имаме трагедии
Судијката Маргарита Цаца Николовска во Аргумент плус рече дека доколку секој си ја вршел својата работа согласно законите во Македонија немаше да има трагедии како што е трагедијата во Кочани.
Според неа, како ќе се одвива судењето на обвинетите во случајот во Кочани, ќе покаже времето.
„Не верувам дека ќе имавме вакви трагедии доколку секој си ја вршеше својата работа. Но прашањето е секогаш причината за таа несреќа. Во ова денешно време се размислува и за превенирање на природни катастрофи. Што се однесува до пожарите се надевам дека ќе има завршница и ова со модуларната, не знам зошто се укинати судењата и се надевам дека при повторното судење ќе бидат отстранети повредите и ќе се утврди вина“, рече Николовска.
Таа објасни и дека оценката за тоа како ќе се реши случајот во Кочани ќе покаже времето.
„Има многу приведени и не се знае која е поентата и кој има одговорност. Ние следиме пресови и гледаме но пресот е едно, прибирањето на докази е друго и оценувањето на доказите е трето. Јас не би шпекулирала со ништо, мислам дека шпекулациите ќе придонесат за разноликост во мислењето. Да оставиме органите да си ја вршат работата. За критика има време, кој како ќе си ја заврши работата има можност повисок орган да цени понатаму и меѓународаната заедница и самите граѓани. Ние имаме експерти кои знаат да ја презентираат состојбата и да дадат свои видувања и кога ќе заврши постапката ќе може да се дискутира за пропустите“, додаде Николовска.