Марковска во СТУДИО 10: Се надевам дека „јас сум Бугарин“ нема да стане професија и покритие за се што некој ќе го направи

Ѓулистана Марковска, поранешна пратеничка, во СТУДИО 10 на ТВ24 вели дека смета дека не смееме да ги игнорираме провокациите како во времето на Југославија. Таа вели дека во тоа време не се случуваше да дојде некој и да ги навредува Македонците.

 

-Националното чувство е специфично прашање и никој не смее да удира таму. Ако ние го бараме своето место под сонцето на ЕУ мора да го одбраниме и своето место и своето достоинство. Ако самите не се почитувате, не очекувајте другите да ве почитуваат. Кога ќе се освестите и ќе почнете да зборувате за своите права и другата страна ќе се свести. Македонија ќе влезе во ЕУ кога ќе влезе целиот регион, а во моментот има страшни превирања и нашиот регион е во замрзнат конфликт, вели Марковска.

Историјата можеби ќе се решава со години, но ние во меѓувреме мора да живееме, заклучува Марковска.

За случајот Пендиков, Марковска вели дека онака како што се води од македонска страна може да доведе во иднина секој кој во иднина ќе биде обвинет за друго кривично дело да се повика на тоа дека постапката против него се води врз национална основа. - И тоа е многу опасно, вели Марковска.

Не е во ред политичка конотација на тепачката да дава самиот министер за надворешни работи кој изјави дека му верува на семејството на Пендиков, вели Марковска и додава дека не е во ред и за секоја осуда е какво било тепање. - Треба да се остави истрагата да си го каже зборот, а не да и се врзуваат рацете, вели таа.

-Силно се надевам дека ЕУ ќе заинтересира не само за случајот на тепањето туку и за тоа дали навистина Бугарите се загрозени во нашата држава. Јас паметам времиња кого „јас сум Албанец“ беше професија и се надевам дека „јас сум Бугарин“ нема да стане професија и покритие за се што некој ќе го направи, вели Марковска.

Поранешната пратеничка вели дека ЕУ ќе не прими кога ќе смета дека треба да не прими, онакви какви што сме, а дека земјата има постигнато големо усогласување на законодавството со она на ЕУ иако ни недостасува негова целосна имплементација.