Со хумана мисија за поддршка и помош на семејство во социјален ризик од општината, двајца млади претприемачи од Крива Паланка, Христијан и Јован, ги донираа средствата од целодневниот промет од нивниот „Гејм-хаб“ на четиричленото семејство Младеновски од село Мартиница.

- Бевме трогнати од приказната за семејството кое деновиве кружи по медиумите, децата без мајка кои живеат во суб-стандардни услови, а сестрата која е малолетна се грижи за останатите двајца браќа. Јас и Јован како некогашни активни волонтери на Црвениот крст, решивме да го донираме целодневниот промет токму таму кадешто е најпотребно во моментов, рече Христијан Димитриевски, еден од иницијаторите за акцијата..

На овој начин, велат тие, ја одбележале и неделата на солидарност што трае од 15 април до утре.

-Среќни сме што по објавувањето дека еден ден ќе биде посветен на хуманоста, имавме многу посетители кои дојдоа за да помогнат, така што, ова е наша прва ваква иницијатива која сигурно ќе ја применуваме почесто, рече Димитриевски.

Средствата лично беа доставени до семејството, а дечињата имаа можност и да уживаат во неколкучасовна заедничка дружба со Кико и Јован и да ги испробаат игрите кои се достапни за нивна возраст, овозможувајќи им забава и оттргнување од секојдневните грижи,кои, според Христијан, ниту едно дете на светот не заслужува да ги доживее.

Младите хумани момчиња порачаа дека понекогаш многу малку е потребно за среќа.

-Не смееме да заборавиме дека сите сме должни да помагаме, колку можеме и кога можеме, но сигурно дека не треба да ги чекаме посебните датуми, денови или недели, како неделата на солидарност, за да пружиме помош и поддршка. Добрите дела се наша мисија и ќе продолжиме да правиме уште многу други, истакна Димитриевски.


Администратор
20/04/2024 13:28