Секоја мајка го сака најдоброто за нејзиното дете, но анксиозноста, депресијата и осаменоста кај децата во овие времиња се на највисоко ниво. Неодамнешните извештаи на Центарот за контрола на болести и превенција од САД покажуваат дека 57% од тинејџерките чувствувале постојана безнадежност и 25% од тинејџерките имале план за самоубиство во 2021 година.

Безнадежноста е единствениот конзистентен индикатор за самоубиствени идеи и извршено самоубиство, што е најлошата ноќна мора на секој родител. Безнадежноста е поврзана и со многу други негативни исходи, како што се менталните болести, насилството и хроничните здравствени состојби. Но, како да всадите искра надеж во некого?

За мене, оваа работа е лична. Татко ми се самоуби кога имав 18 години, а и јас се обидов во моите 20-ти години. Сакав да ја разберам причината за самоубиството – а литературата постојано укажуваше на безнадежност. Го започнав моето патување во застапувањето за ментално здравје пред 20 години и оттогаш мојата работа еволуира од откривањето на тоа што е безнадежност до учењето како да го активирам нејзиниот противотров: надежта. Откако работев со водечки експерти, претпоставив дека можеме да ги научиме децата на чувството на надеж – а потоа тргнав да истражувам и да докажам дека мојата хипотеза е точна.

Од тоа истражување ја создадов првата бесплатна, глобална наставна програма за надеж наречена „Надежни умови“ и ја докажав мојата теорија дека надежта всушност може да се научи. Истражувањата покажуваат дека повисоките нивоа на надеж се поврзани со подобри академски перформанси, подобрено ментално здравје, помалку стрес, издржливост, подобри социјални врски и помалку осаменост.

Поединците што чувствуваат надеж имаат поголема веројатност да си постават и да извршуваат цели, да преземаат здрави ризици и да ги надминат пречките. И која мајка не го сака тоа за своите деца?

Ова се пет начини на кои родителите можат да ги научат децата на чувството на надеж

Има лесен начин родителите да ја зајакнат надежта кај своите деца: преку вештини за справување со стрес, навики за среќа, инспирирани дела и акции, негување односи и отстранување на предизвиците.

Подучување вештини за стрес

Овие вештини се алатки кои децата можат да ги користат за да управуваат и да се справат со стресните ситуации, со решавање на природната реакција на нивното тело врз надворешни стимули. Една од вредните вештини е длабокото стомачно дишење, кое вклучува бавно и длабоко вдишување најмалку 90 секунди. Помагањето на децата да го сфатат значењето на ова е од клучно значење бидејќи тоа е времето потребно за нивните тела да се релаксираат и да ја вратат смиреноста откако ќе бидат емоционално поттикнати.

Поддршка на навиките за среќа

Позитивните чувства играат клучна улога во негувањето надежен начин на размислување и мотивирањето на децата да ги извршуваат своите цели. Како родители, можеме да ги поддржиме нашите деца да ги негуваат овие позитивни емоции со вклучување на навиките за среќа, како што се изразувањето благодарност, прошетките на отворено, играњето игри и поминување квалитетно време со саканите. Поттикнувањето на активностите што носат среќа во срцето на вашето дете може да придонесе за нивната долгорочна благосостојба и задоволство.

Давање приоритет на инспирирани акции и дела

Инспирираните акции се намерни чекори преземени со цел постигнување на посакуваното, за да го мотивирате вашето дете да ги воспостави своите аспирации. Научете го дека наидувањето на пречки на патот е природно, а понекогаш и на првичната цел можеби ѝ треба приспособување, што е сосема во ред. Охрабрете го да ги прифати овие предизвици, да се приспособи и да побара помош кога е потребно. Ако целта изгледа како преголем залак, разделете ја на помали задачи со користење чекор-по-чекор метода.

Создавање квалитетни, грижливи односи

Ваквата мрежа на односи се состои од поединци на кои вашето дете може да се потпре кога се чувствува осамено или преоптоварено, кои му обезбедуваат охрабрување и поддршка. Клучно е вашето дете да може да препознае барем една личност во својот живот со која се чувствува безбедно, за да се отвори при неволја. Соработувајте со вашето дете за да идентификувате доверливи поединци и на училиште и дома, и запишете ги нивните имиња на хартија како потсетник, дека има систем за поддршка и луѓе на кои треба да се обрати кога се чувствува изолирано.

Елиминирање на предизвиците

Нашата цел е да се здружиме со децата за да се справиме со животните предизвици и да смислиме планови за нивно надминување. Еден предизвик е справувањето со работите кои се надвор од наша контрола, што често води кон непотребен стрес. Родителите можат да ги научат децата, да даваат приоритет на она што можат да го контролираат и да се ослободат од другото, користејќи ги вештините за справување со стрес како корисна алатка.

Како да се измерат надежта и менталното здравје

Се прашувате каков е односот на вашето дете во моментов кога станува збор за надежта? Има лесен начин да дознаете – земете ја процената од скалата на надежта на Снајдер.

Со мерење на надежта на вашето дете, можете да го следите неговиот напредок и да размислувате за тоа колку детето има надеж во дадениот момент. Кога вежбате вештини за чувствување надеж, можете да го подобрите и резултатот. Исто така, постои процена на скалата и за возрасни, за да се измери сопственото ниво на надеж.

Важно е да се знае дека ова се само почетни точки. Со фокусирање на наведените пет клуча, можете да им помогнете на вашите деца (и самите себе) да управуваат со стресот, да формираат здрави навики, да преземат чекори кон сопствените цели, да изградат мрежи за поддршка и да се ослободат од негативните мисли кои можат да доведат до чувство на безнадежност.

Автор: Кетрин Гоетцке

Извор



912

X