Peugeot најави дека новиот проект E-Lion ќе го диктира напредокот на процесот на електрификација на францускиот бренд.

Компанијата планира во следните две години да лансира пет нови електрични автомобили, од кои некои веќе ги видовме, како и да воведе нов 48-волтен систем во своите возила.

Peugeot влегува во 2023 година со испорака на нова „блага“ хибридна технологија, која ќе најде свое место во неколку модели оваа година. Овој хибриден систем располага со нова генерација на бензински мотори PureTech со 100 и 136 КС, соодветно, кои се спарени со седумстепен, електрифициран менувач со двојна спојка, кој има вграден електричен мотор од 21 kW (28 КС).

Според компанијата, теренец од C-сегментот опремен со систем од 48 волти ќе биде способен 50 проценти од времето да функционира во електричен режим. Технологијата за која станува збор ќе биде достапна во моделите 208, 2008, 308, 3008, 5008 и 408 во текот на 2023 година. Во следните две години, пет нови електрични автомобили ќе се приклучат на новите хибриди.

Имено, Peugeot планира да ги лансира E-308, E-308 SW, E-408, E-3008 и E-5008. Два електрични автомобили, E-308 и E-308 SW, ќе имаат нов електричен мотор кој испорачува 115 kW (156 КС), со максимална автономија од над 400 километри (според WLTP). Овие два модели дебитираа минатиот септември, а ќе бидат пуштени во продажба оваа година.

Без оглед на бројните електрифицирани модели кои ќе се појават наскоро, Peugeot има уште многу што во своите планови. Во втората половина од годинава компанијата ќе го претстави E-3008, нов теренец кој ќе има автономија до 700 километри. Ќе биде достапен со три електрични погонски единици, вклучително и поставка со два мотори, така што ќе биде првиот модел на платформата STLA Medium на Stellantis. Peugeot вели дека E-5008 ќе дебитира „набргу потоа“, што ја остава само премиерата на E-408 под закрила.

Peugeot не тактизира во врска со електрификацијата, бидејќи планира да го електрифицира секој модел оваа година, а планот е до 2025 година секој да има чисто електрична верзија. Целта на компанијата е до 2030 година да продава исклучиво електрични возила во Европа. Станува збор за амбициозен план кој вклучува фокус на ефикасноста, еколошка подобност, корисничкото искуство и, се разбира, електричните автомобили.