Благица Петрески: Економските програми полни со ветувања – од оптимистички до хазардерски

Благица Петрески/фото: Слободен печат/Слободан Ѓуриќ

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува капитални инвестиции на државата од 3 милијарди евра за целиот мандат, додека програмата на СДСМ 3,5 милијарди евра. СДСМ проектира просечен раст на БДП за периодот 2024-2028 година од 5,1 проценти, додека програмата на ВМРО-ДПМНЕ просечен раст за целиот период од 4 проценти. Што е остварливо?

Изборните програми на партиите во преден план ги исфрлаат економските ветувања. Тие секогаш убаво изгледаат, но колку се остварливи? Иннститутот за економски политики и развој „Факјненс тинк“ направи оценка и сублимат на на економските ветувања на главните политички партии во македонскиот блок – СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од направените споредби може да се види дека по многу економски параметри тое имаат слични ветувања, слични инфраструктурни проекти, раст на плати, на пензии, зголемувања на вработеност. Разлика има во даночната политика, додека СДСМ ја бутка старата теза за правично оданочување, ВМРО-ДПМНЕ е на став да се задржат сегашните даночни стапки.
Благица Петрески, главен економист на “Фајнен тинк“ според изјавата за „Слободен печат“ не е голем оптимист дека ветувањата може да се остварат.

– Ветувањата вградуваат визија за напредок и позитивна намера. Сепак, земајќи ги предвид слабостите на системот, недоволните реформи во клучни области, пост кризниот период, може да се наречат амбициозни, некои тешко остварливи а дел хазардерски по фискалниот простор – изјави Петерски.

Фискалниот простор, односно можностите да се задолжуваме за да се реализираат некои големи проекти, сè почесто се критикува од академската јавност, но и од меѓународните монетаци.

Програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува капитални инвестиции на државата од 3 милијарди евра за целиот мандат, додека програмата на СДСМ 3,5 милијарди евра.

„Иако овој контингент капитални инвестиции се пожелни за економскиот раст, сепак тие мора да се набљудуваат во контекст на капацитетот на државата за реализација на капитални инвестиции, којшто се движи околу 500 милиони евра годишно. Без отстранување на системските слабости за планирање, приоритизација, технички капацитети за тендерирање и имплементација од страна на институциите, овие ветувања се тешко изводливи“, пишува во анализата на „Фајненс тинк“.

Програмата на СДСМ проектира просечен раст на БДП за периодот 2024-2028 година од 5,1 проценти, додека програмата на ВМРО-ДПМНЕ просечен раст за целиот период од 4 проценти. „Фајненс тинк“ оценува дека „раст поголем од 4 проценти за престојниот период е невозможен“.

„Сепак, двете политички програми се прилично воедначени во делот на изворите на растот, потенцирајќи ја амбицијата за поголема додадена вредност,поголема продуктивност и конкурентност на економијата“, потенцира Институтот.

Оттаму велат дека двете програми ги акцентираат домашните и странските инвестиции, но програмата на ВМРО-ДПМНЕ повеќе го нагласува фокусот врз привлекувањето странски инвестиции, иако тоа го прави и програмата на СДСМ преку привлекување странски инвестиции кои поради геополитчките фрагментации се селат поблиску до своите фирми-мајки.

Двете политички програми предвидуваат намалување на невработеноста до 7 проценти (СДСМ), односно 7,5 проценти (ВМРО-ДПМНЕ) до 2028 година. Тоа е еднакво на креирање дополнителни околу 50.000 работни места во економијата, што е реално за четиригодишен период. Сепак, „Фајненс тинк“ укажува дека за остварување на оваа цел неопходно е управување со контингентот на невработени – нивна доквалификација, преквалификација…

СДСМ ветува конкретни плати, ВМРО-ДПМНЕ го чека растот

Платите се директно ветување само на политичката програма на СДСМ, која ветува просечна плата од 1.100 евра и минимална плата од 600 евра во 2028 година. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ само се спомнува дека платите во јавниот сектор ќе растат со растот на економијата, што може да е индикација дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на сите плати е дека ќе резултираат од растот на економијата, забележува Институтот.
Програмата на СДСМ предвидува раст на просечната пензија до 30.000 денари до 2028 година, а на минималната пензија до 20.000 денари. Програмата на ВМРО-ДПМНЕ предвидува по 5.000 денари за секој пензионер најдоцна до крајот од првата година, односно раст на пензиите во првата година од 25 проценти.Од „Фајненст тинк“ стравуваат дека паушални проценти може да го дестабилираат Фондот за ПИО.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот