Дарко Каевски: Ги отфрлам сите обвинувања на ОЈО, тие се неосновани и тенденциозни

Со објава на социјалните мрежи, поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ги отфрли сите обвинувања против него. 

Ги отфрлам сите обвинувања на ОЈО кои ги сметам за неосновани и тенденциозни. Најодговорно тврдам дека го немам прекршено законот во ниту еден случај и тоа ќе се докаже, вели тој во својата објава на Фејсбук. Очекувам и во исто време сум убеден дека во една јавна, транспарентна, фер постапка ќе се докаже вистината и целосна моја невиност.

Реакцијата на Каевски следува по денешната објава на Јавното обвинителство  дека е поднесено барање за обезбедување мерки за претпазливост за 12 лица од Агенцијата за млади и спорт, во врска со случајот за распределба на средства од ваучер системот.