Вардар не мирува: Французин на тест, тренинзи и потрага по нови имиња

Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар активно работи за да има подобри резултати во новата година. Новиот тренер Гоце Седлоски сериозно го подготвува тимот, а доказ за тоа е дека играчите не мируваат во моментов како што тоа го прават останатите прволигаши.

Иако е пауза и ПМФЛ заврши минатиот викенд, Вардар и понатаму ќе тренира. Ќе се водат тренинзи во следните денови, со цел тимот подобро да се воигра и да се запозне со тактичките замисли на новиот тренер Гоце Седлоски кој претходно го водеше шампионскиот Вардар, а за овој ќе има мисија да го спаси и да избори евентуална битка за Куп-титулата.

Кога се говори за играчкиот кадар, некои од имињата во актуелниот ростер разочараа и се на излезна врата. Едно ново име засега е официјално потврдено како нов член на Вардар, тоа е Михал Пинтер кој пристигна од Шкупи и игра како стопер, а негов партнер во одбраната може да биде Французин.

На тренинзите на „црвено-црните“ се наоѓа Мохамед Камара, Французин кој има 24 години и игра како стопер, а по потреба и како играч за врска. Последен ангажман му беше во Романија, каде го носеше дресот на Виторул Пандури до крајот на месец октомври. За тимот настапи на седум меча и на сите од нив беше стартер, а постигна и еден гол. Претходно, Камара имаше настапи и за екипи од Луксембург, тоа се Фола Еш и Ред Стар Мерл, како и младинскиот тим на Дуделанж, а играше и за француски Плантиереш. Камара ќе тренира со Вардар во периодот кој следи, а ако задоволи со неговите перформанси, ќе добие шанса да остане меѓу „црвено-црните“ и да добие договор.

Приоритет за Вардар во зимскиот преоден рок ќе бидат добри играчи во три линии. Се бара голман, опција се две имиња од Првата македонска фудбалска лига кои беа стандардни за своите екипи. Исто така фокусот е ставен и кон наоѓање на нов напаѓач за да се подобри ефикасноста на тимот затоа што Вардар има мака со постигнувањето голови во пролетната полусезона - ги има само 13, послаби се само Пелистер (9) и Тиквеш (7 постигнати гола). Ќе се бира класичен центафор. Како што споменавме и претходно, се бара стопер, таму сега на тест е Камара. Секако, не е исклучена можноста тимот да добие и новитети и во другите линии, ако во игра влезе можен трансфер на квалитетен играч кој ќе го подигне нивото на играта.

Вардар полусезоната ја заврши на 11-тото место со 13 бода, а во првото пролетно коло во февруари тимот го чека домашен дуел со Шкендија.