„Слатки и солени“ предизборни ветувања

Сефер Тахири / фото приватна архива

Докажано е дека повеќе се лаже на избори? Се ветува сè и сешто! Се ветува мед и млеко. Mожеби затоа на списокот на портали, кои се пријавиле за да добиваат средства од буџетот е и порталот „Солени и слатки десерти“. Еден друг пријавен е порталот „Ти реков, ми рече“!

На народот што живее на овиe простори никогаш не му недостасувал духот за хумор, но и за иронија и сарказам. Меѓу народот се раскажува дека некој политичар отишол во едно село и ветувал мост. Арна ама, граѓаните реклe гласно: „Немаме река“, а политичарот возвратил: „Ќе ви направиме“. Злонамерните ја смениле приказната со „Немаме деца“, а одговорот на политичарот бил ист.
Докажано е дека повеќе се лаже на избори? Се ветува сè и сешто! Се ветува мед и млеко. Mожеби затоа на списокот на портали, кои се пријавиле за да добиваат средства од буџетот, е и порталот „Солени и слатки десерти“. Еден друг пријавен е порталот „Ти реков, ми рече“!
На еден состанок, кога една колешка ни објави дека се пријавил портал со вакво име, се насмеав, бидејќи ова на пластичен начин ни ги изнесува на виделина парадоксалните легални консензуални „демократски“ решенија за отсликување на партискиот плурализам во медиумите. „Договорот куќа гради“, рекол одамна нашиот народ!
За легализација на суптилната изборна медиумска корупција се согласиле сите партии и ваков консензус е редок дури и за стратешките прашања на државата.
Во Античка Грција, граѓаните се собираа во агора за да дискутираат околу усвојувањето на одлуките, а денес политиката се реализира на масмедиумски начин. Медиумите, а особено телевизиите и порталите, ја имаат моќта да ја дефинираат рамката на она што е важно во политиката. Партиите сфатиле дека без медиумите не можат да ја реализираат нивната зацртана кампања.
Спорен е начинот, кој го одбрале за да се „рекламираат“ (претставуваат) во медиумите.
ДИК пресмета дека поради фактот што се одржуваат паралелно парламентарни и претседателски избори, за платено политичко рекламирање ќе бидат потребни 10,6 милиони евра од државниот буџет. Висока сума за сиромашен буџет!
Како што сме виделе во изминатите избори, само еден портал или групација на портали ги добивале парите од одредена политичка партија. Семејни портали добиваа 70 илјади евра од ДУИ, а групација на струшки портали добиле 34 илјади евра од Алијанса на Албанците, чиј лидер, Зијадин Села, е од Струга. Народот рекол „Тој што ја плаќа, ја нарачува музиката“! Не се работи само за партиско медиумски клиентелизам, туку и за софистициран коруптивен модел, кој ја загрозува слободата на изразувањето и автономијата на медиумите.
Имаше и „ад хок“ портали што се основаа токму заради изборното рекламирање. Сега исто се пријавуваат портали, кои допрва треба да почнуваат со работа, портали кои функционираат со различни имиња, но кои имаат еден „политички“ газда, портали што се пријавуваат со различни домени итн.
Партиите ги распределуваат народните пари во портали, а на еден портал му следуваат најмногу 15.000 евра од една политичка партија. Овие пари се делат без никакви критериуми. Не се бара ниту адреса, транспарентност на основачите и сопствеништвото, идентитет на уредништвото (импресум) и транспарентност за финансирањето. Не се бара ниту почитување на професионалните стандарди и етичките норми (Кодексот на новинарите), меѓу кои и објавување на текстови потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми, тоа да биде наведено, во согласност со заштитата на авторски права. Ништо од ова!
Се бара да се почитува единствениот критериум: партиската подобност!
Ех, моја чудесна Северна Македонија!

Цивилмедиа

(Авторот е универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот