Димова во СТУДИО 10: Тоа што државата треба да ѝ враќа 2,2 милиони евра на ЕУ е знак за нејзината некапацитетност

Јас бев практично отпуштена од работа во 2020 година и оттогаш не можам името да си го исчистам. Тоа е тешко ако цел живот сте го посветиле на европската интеграција, а сум во ситуација да се бранам од мојата држава поради случајот за злоупотреба на 2,2 милиони евра за што јас алармирав, а сега потврди и ОЛАФ кој бара да се вратат овие пари, вели Лидија Димова, поранешна директорка на Националнара агенција за европски образовни програми во СТУДИО 10 на ТВ 24.

- Јас истрагата не ја правев сама, ми помогнаа институциите. Сакам да расчистам нешто. Станува збор за 2,2 милиони евра, а во кривичната пријава се засегнати 23 лица, но реално тие пари се слеваат само во џебовите на две лица, во две приватни фирми наместо да ги користат училиштата. Она што беше сомнително е што сите училишта на мобилност одат на исто место. Пријавив во Брисел и почна истражувањето. Кога го откривме материјалот го однесовме во ОЈО, тоа се истите материјали што сега ги цитира ОЛАФ. Првоосомничениот и второосомничениот и денес земаат пари. Мене на пример додека ме судат ми е забранета дејноста. Во овој случај и двете големи партии се валкани и затоа сега се молчи, вели Димова.

Димова повтори дека била повикана на разговор кај поранешниот премиер Зоран Заев во присуство на пратеничката Нола Исмајловска за да ѝ биде кажено да „олади“ со истрагата.

- Јас постојано бев во контакт со Брисел и требаше да се оди до крај, да се најде одговорниот а тоа не сум јас. Во таков случај ОЛАФ немаше да ги бара тие 2,2 милиони евра. Мене сега ми се суди за нанесување штета на ЕУ, а од Брисел и ОЛАФ велат дека нема сторено штета од моја страна што е уште еден апсурд во нашето правосудство, вели Димова.

Таа вели дека целиот овој случај не само што претставува срам туку покажува и некапацитетност од страна на нашата држава, а засилениот мониторинг сега е резултат токму на тоа. 

Димова посочува дека со оглед на тоа што истата шема на малверзации со мобилноста продолжува, новинарите можат многу лесно да истражат како се одвива таа шема и кои се виновниците. Но, вели Димова, штетата е што буџетот е драстично намален затоа што тие луѓе извлекоа 40 отсто од средствата.