Се поплави Токсикологија, а клиниката нема осигурување

Штетите од синоќешната поплава на Универзитетската клиника за токсикологија допрва ќе се утврдуваат, информираше преку писмено соопштение медицинскиот директор на клиниката, Данил Петровски.

Поплавени се речиси сите лекарски канцеларии на вториот кат, болнички соби од првиот кат, одделението за сметководство, но и дел од подрумските простории, откако околу 1 часот по полноќ пукнала цевка од радијатор.

„Дежурната екипа веднаш ја повикала техничката служба за одржување на парно, но не успеале да го сопрат истекот на водата во следните 40тина минути при што повикано е лице од клиниката кое помогнало да сопре водата од главните вентили. Штетата дополнително ќе се утврдува.“ - вели д-р Данил Петровски медицински директор на УК за токсикологија.

Пред неколку дена дел од лекарите јавно реагираа против економската директорка Бесија Иљази, за која меѓудругото рекоа дека немала спроведено постапка за осигурување на Клиниката. Економската директорка денеска не одговори на повиците...

Министерот за здравство пак вели дека доколку информациите се потврдат тогаш ќе бара одговорност од менаџментот.

„Не е законски и ако е вистина тоа тогаш треба менаџментот да понесе одговорност, но прво треба да се провери дали има договор или не.“ - изјави Илир Демири министер за здравство.

За случајот реагираше и комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

- Дали се точни информациите дека организациската директорка одбива да го потпише осигурувањето на опремата на на клиника за Токсикологија и со самото тоа го загрозува функционирањето на клиниката како и го става на ризик животот на хоспитализираните пациенти и на вработените. - велат од Комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.

Здравствениот инспекторат по вонредната контрола на токсикологија констатираше дека единаесет лица без важечки договор работеле на клиниката, дел од нив и без соодветно образование, како и дека немало никаква соработка помеѓу двајцата директори, за што издаде решенија за преземање мерки.

Инспекција изврши и инспекторатот за труд од каде информираат дека затекнале 7 лица со неважечки договори, четири административни работници и тројца хигиеничари, со кои клиниката немала засновано работен однос и истите не требало да бидат присутни во установата.

- Државниот инспектор за труд донесе решение со изречена инспекциска мерка, со која на работодавачот му нареди во рок од 8 дена да заснова работен однос со затекнатите лица, или со други лица без јавен оглас, при што да не го намали вкупниот број на вработени, согласно одредбата од чл.259 од ЗРО. Истовремено се издадени и прекршочни платни налози за правното и одговорното лице, со изречена глоба, поради констатиран прекршок, согласно одредбите од ЗРО. - велат од Државниот инспекторат за труд.

Од инспекторатот за труд додаваат дека наредената инспекциска мерка се одлага до завршување на изборите. Министерот за здравство пак вели дека се уште ги чека извештаите од инспекторатите, а за овие лица вели дека им е нанесена неправда и дека се дел од здравствениот систем.