Конфликт на идеологиите „Гулаг “ и „Гугл“

06.03.2024 02:00
Конфликт на идеологиите „Гулаг “ и „Гугл“

Во доба на осакатена вистина, искривено мислење, изгубен морал, корумпиран јазик, злоупотреба на моќта, изгубена надеж, отворена омраза и масовно планско убивање на немоќните, на прв поглед се чини дека светот на самиот почеток на 21-от век влегува во апокалиптичен матрикс на најголемите стравови и заблуди на хомо сапиенсот откако е втиснат на својот еволуциски пат долг повеќе од 200 000 години. На тој пат хомо сапиенсот редовно го следеле големи природни катастрофи, глад, немири и грубости на дивата природа, климатски промени, нуклеарни закани, големи пандемии. Денес неговото преживување се одвива во глобална меѓузависност на сите овие закани поврзани во единствена нестабилна комплексност на светот, во која најмалото пореметување може да покрене општ колапс на човештвото. Од таквата нестабилност на светот произлегува објективната нужност за глобална соработка на хомо сапиенсот, без оглед на неговата раса, вера, култура, политичко убедување или цивилизацијата на која ѝ припаѓа. Се чини дека неспознавањето на оваа објективна нужност денес е најтешкиот аспект од преживувањето на човештвото.

Денес најголема закана за преживувањето на хомо сапиенсот претставува авторитарната популистичка демагогија која ги користи сите технолошки, научни и материјални достигнувања на човечката цивилизација за слободата на човечката мисла да ја стави во функција на разорување и демонизација на глобалното општество и да ја направи немоќна со цел хомо сапиенсот да не може да функционира единствено и одговорно. На тој начин авторитарната популистичка реторика сè подиректно и поотворено израснува во нова емоционална платформа на „новиот свет“ со нацистичко-фашистичка и болшевичка идеологија со апсолутно безгрешен владетел и фанатична нетрпеливост и насилство кон оние кои се сомневаат во таквата идеологија.

Во тој „нов свет“ на полувистини, лаги, измами и страв се создава „алтернативна реалност“ во која „ништо не е вистина, но сè е можно“. Во таквата „алтернативна реалност“ каде вистината не е вистина и каде „борбата против лагите станува многу потешка и позаморна од нивното повторување“, општото лудило ја достигнува својата кулминација. Во таквото лудило сè се свртува наопаку. Реалната моќ на авторитарниот владејач и популистичкиот режим се мери со бројката на оние кои веруваат во бесмисленоста, бројката на оние кои функционираат во посебен популистички матрикс на размислување, во кој беснилото на омразата кон противниците на авторитарната популистичка демагогија достигнува кулминација во мрачноста, бескрупулозноста, ароганцијата и суровоста. Во таквиот коктел на беснило, цинизам, бесмислици, лековерност и пропаганда, во кој човекот се откажува од сите свои идеали и реални вредности, нема место за фактите кои ѝ се спротивставуваат на алтернативната реалност на „новиот свет“.

Бидејќи десничарскиот популистички национализам, по примерот на националсоцијализмот, има опасна претензија за предизвикување големи конфликти, под изговор за отворање пошироки простори за демократизација на слободата и правата на нацијата, што може на прв поглед да го прави поприфатлив, отпорот кон овој процес сè уште останува идеолошки замаглен и недефиниран. Замагленоста и недефинираноста на идеолошкиот одговор на авторитарната популистичка реторика во 21-от век ефектно ќе му послужи на авторитарниот популизам да ја преземе идеологијата на нацизмот/болшевизмот како сопствена идеологија во борбата против глобализацијата и универзалните слободи и вредности, кои ги гледа исклучиво како модерен технолошки и културен империјализам на големите и моќните држави и корпорации. За авторитарните популисти секоја идеја за универзални развојни, морални или правни стандарди не е ништо друго туку платформа на новиот хегемонизам и империјализам кои според својата природа дискриминаторно се мешаат во внатрешните работи на националните држави, што според нив ги загрозува традиционалните културни стандарди и националната култура на живеење на народите, на тој начин наметнувајќи нееднаквост и привилегии во корист на меѓународните системи на вредности. Кога таквата авторитарна популистичка идеологија ќе го заземе централното место, во националниот матрикс останува малку простор за толеранција кон идеалот на универзалноста.

Во таквиот стеснет простор авторитарниот популистички национализам прераснува во опсесија за своите следбеници и бара монополизација на сите сегменти во јавната сфера, каде нема место за универзалните човечки вредности. Авторитарната популистичка идеологија бара одредување на нацијата како хомогена заедница која зборува еден јазик и која следи единствен културен и верски матрикс, што ја рефлектира идеологијата на малцинството, а не ширината и мудроста на сите луѓе во заедницата. Обзнанувањето на верата во национализот се темели на идејата дека „заемната лојалност на поединците едни кон други е најмоќната сила која дејствува во политичкото царство“. Таквата мала херметички затворена заедница со внатрешна хомогена национална, културна, јазична, верска и историска структура е движечка сила на уништувањето на универзалните вредности. Авторитарната популистичка реторика води до носталгична слика на националната држава како структура на мирот во која се обезбедуваат сите основни минимални барања за преживување, слобода и достоинство за сите кои му припаѓаат на мнозинското племе од ист род, кое редовно е немилосрдно кон оние кои не му припаѓаат.

Заради концептот на авторитарниот популистички национализам на самиот почеток на 21-от век се отвора конфликт помеѓу национализмот и универзализмот, кој во политичкиот простор набрзо прераснува во конфликт помеѓу два одредувачки системи на вредности: систем на вредности „Гулаг“ и систем на вредности „Гугл“, како одредувачки конфликт во овој век. Овој неизбежен конфликт помеѓу независната херметички затворена, авторитарна национално-верска држава и нејзиниот глобален сојуз со истиот прототип на држава и универзалното царство на новите технологии, глобалните стандарди и глобалните системи на вредности, дефинитивно ќе ја одреди понатамошната судбина на правата и слободата на човекот, како и судбината на човештвото во овој милениум.

Со идеолошката матрица на авторитарниот популистички национализам бројни популистички движења ширум светот отворено ќе ја демонстрираат идејата за уништување на глобалните стандарди и институциите на меѓународната заедница, што неизбежно ќе бара укинување на сите универзални организации и закони кои би можеле да ја ограничат самостојноста на нацијата како затворена хомогена јазична, културна, верска и историска структура во 21-от век. Токму тоа е она што авторитарниот популистички национализам ќе го направи привлечен и во демократските општества, и исто така ќе го направи движечка сила за уништување на мултикултуралните заедници на самиот почеток на 21-от век, на тој начин демонстрирајќи ургентна потреба за создавање „доктрина за креативна модерност“ како нова глобална либерална идеологија која би била во можност да понуди адекватен одговор на овој политички предизвик во 21-от век.“

Превод: Алек Кузмановски

Слики: Muhammad Fatchurofi

Извор: https://tacno.net/

ОкоБоли главаВицФото