Наводен геноцид или хуманитарно раселување

15.01.2024 13:51
Наводен геноцид или хуманитарно раселување

 

Одгледан како филосемит и формиран со вградено сочувство за еврејските милениумски маки, кое го примив уште со мајчиното млеко, не можев ниту во кошмарен сон да претпоставам дека ќе доживеам Израел да биде официјално обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг. Но, вистина е: еврејската држава чииш жители и предци настрадаа во геноцидот извршен врз нив во Втората светска војна, која е втемелена врз сеќавањето и поуките од холокаустот, е тужена од Јужна Африка во исклучително стручна и документирана пријава, на 84 густи и прегнантни страници, во 151 точка од тужбата и дури 574 приложени докази, документи и референци, дека со знаење и намера извршила и понатаму врши геноцид над цивилното население на Газа. Секој писмен човек со срце и совест, или барем со нивни остатоци, би требало да го прочита ова правничко, но потресно четиво.

Во самиот вовед, во апликацијата се осудени злосторите што борците на Хамас и на други вооружени групи ги извршија на 7 октомври, на дивјачки начин одземајќи им ги животите на 1.200 невини цивили. По осудата, се изнесува основната морална и правна теза што го обвинува Израел: „Ниту еден вооружен напад на државната територија, колку и да е сериозен – дури и напад во кој се извршени свирепи злочини – не може да обезбеди какво и да е морално или правно оправдување на кршењето на Конвенцијата за спречување и казнување на геноцидот од 1948 година. Акциите и делата извршени од страна на Израел се геноцидни по својот карактер зашто се со намера да биде уништен значаен дел од палестинската национална, расна и етничка група… Наведените дела го вклучуваат масовното и намерно убивање на Палестинците во Газа, причинувањето сериозни телесни и ментални повреди на целото цивилно население, и создавањето смртоносни услови и состојби невозможни за одвивање на животот во Газа, со единствена намера тие да предизвикаат физичко уништување на Палестинците во појасот“.



Во оваа траорна, но исклучително добро напишана, аргументирана и обилно документирана и со докази опремена пријава, не се спомнуваат земјите кои – доколку се докаже извршениот геноцид – согласно истата Конвенција ги извршиле злосторите што го овозможиле геноцидот, а тоа се соучеството во геноцидот со помагање во извршувањето, како и непреземањето мерки и средства за неговото попречување. Земјите што наводниот геноцид со својата поддршка на извршителот го овозможиле, повеќе од очигледно дека се Соединетите Американски Држави, Германија, Велика Британија и повеќето членки на ЕУ, една до друга демократски перјаници што владеењето на правото и човечкиот живот и достоинство го сметаат за најголема вредност.

Меѓутоа, за неспречувањето на неселективното бомбардирање и убивање цивили во Газа, претседателот Бајден даде јасен коментар: „Ние нема да сториме ништо друго освен да го штитиме Израел. Ниту една друга работа“. Вечерва, пак, додека ги пишувам овие редови, државниот секретар Блинкен, давајќи изјава за медиумите, за тужбата за извршен геноцид од страна на Одбранбените сили на Израел даде лапидарен коментар дека таа „е неоснована“. Овие аргументи веројатно ќе бидат достаточни судот да го донесе својот мериторен став по однос на апликацијата на Јужна Африка.

Мрачна иронија што го надвисува крвавиот колеж во Газа е што и двете страни во нерамноправниот судир се сметаат за жртви, меѓусебно се нарекуваат „нацисти“, „нелуѓе“ и „животни“, и сите се повикуваат на сличностите со настаните од минатото, од Втората светска војна, во која се извршени најстрашните геноцидни сотирања на луѓе во поновата историја. Колку и да е непримерно споредувањето на современите ужаси со оние од пред 80 години, аналогијата помеѓу катастрофата во Газа и еврејското востание во варшавското гето 1943 се чини како да не може да биде одбегната.



Елем, како една од фазите на „конечното решение“ на еврејското прашање, Хитлерова Германија формираше еврејски гета во повеќе градови, со цел да служат како места за времено сместување на голем број Евреи, каде овие ќе го чекаат својот транспорт во логорите на смртта. Еврејското гето во Варшава беше најголемиот урбан затвор од овој вид, формирано уште од 1939 година, првин оградено со бодликава жица, а потоа со ѕид од цигли висок 3 метри. На површина од околу 3,5 квадратни километри беа сместени повеќе од 400.000 луѓе, при што внесот на храна, огрев и други потреби беше контролиран од Германците, и толку скуден и недоволен што од глад и тифус во гетото умираа по неколку илјади луѓе секој месец. Фатените бегалци од гетото беа стрелани на лице место.

Почнувајќи од јули 1942 Германците почнаа да транспортираат по 5.000 Евреи дневно во железнички композиции кои завршуваа во логорот Треблинка, наменет само за брзо истребување луѓе. Во јануари 1943, кога во гетото останаа само 55.000 луѓе, Евреите организираа оружен отпор и го оневозможија закажаниот транспорт на 8.000 жители. Обидите на германските трупи да ги фатат Евреите што се криеја и даваа отпор беа неуспешни, така што Германците се откажаа од транспортот и ги повлекоа војниците од гетото. Востаниците го сметаа повлекувањето на Германците за победа, по која пристапија кон утврдување на гетото, правење бункери, подземни премини и импровизирани утврдувања во густото градско ткиво.



Финалната пресметка отпочна на 19 април кога Химлер нареди специјална операција за „чистење“ на гетото во која учествуваа 2.000 до заби наоружани ес-ес казнени одреди, со тенкови, артилерија и огнофрлачи. Кога наидоа на очајнички, но ефикасен отпор од страна на еврејските бранители, Германците пристапија кон тотално уништување на гетото, со систематско уривање и палење на градските блокови, еден по еден. По 28 дена херојска борба на еврејските востаници, варшавското гето беше комплетно урнато и пеплосано: ниту една зграда веќе не постоеше, па прекина да постои и гетото. Германците стрелаа на лице место 7.000 Евреи, 7.000 транспортираа во Треблинка, 15.000 во Мајданек, обата логори за брзо индустриско убивање, а останатите ги испратија во други работни логори. Иако самоубиствено, востанието остана запаметено како највеличествен, херојски пример и незаборавна епопеја за активниот отпор на Евреите во оловните времиња на холокаустот.

Се разбира дека не е можна апсолутно никаква споредба помеѓу Хитлерова Германија и денешен Израел, исто како и помеѓу еврејскиот вооружен отпор и Хамасовиот терор. Но, постојат контекстуални сличности и структурни аналогии што не може да не се забележат. И Варшавското гето и појасот Газа се урбани затвори „на отворено“, односно густо изградени градски структури оградени со бодликава жица и високи ѕидови – варшавското гето со ѕид од тули висок 3 метри, појасот Газа со бетонски ѕид висок 6 метри. И во едниот и во другиот урбан затвор ужасните животни услови се контролирани од супериорни воени сили надвор од затворот. При што по 7 октомври и масакрот што Хамас го изврши над невиното израелско население, Израел го сопре дотурот на храна, вода за пиење, струја и гориво на целото цивилно население на Газа, со што ги изедначи условите на живот во појасот со оние во варшавското гето.



И, конечно, методата со која Германците го „решија“ вооружениот отпор на Евреите во варшавското гето е структурално идентична со начинот на кој израелската армија ја води „војната со Хамас“, а тоа е тотално уништување на сите градби во „проблематичната област“, рушење и палење на сите згради и инфраструктура. Се разбира, споредбите завршуваат тука, зашто германските злосторници потоа го истребија целото еврејско население на гетото, додека израелската армија „ненамерно“ уби само 24.000 палестински цивили и веќе врши подготовки за „хуманитарно“ и „доброволно“ иселување на останатите два милиона.

А, зошто ги пишувам овие редови, ќе се прашате почитувани читатели, ако сите знаеме дека тие не се од помош никому. Веројатно за да ја залечам, барем малку, совеста изгорена од вестите од Газа, а веројатно и поттикнат од сопствената навредена интелигенција од диригираната медиумска кампања на сторителите на злосторот, кои критиките упатени кон Израел за начинот на кој „се справува“ со Палестинците почнаа оркестрирано да го нарекуваат „антисемитизам“. Ах, која ли историска кретенизација и тоталитаризација на „слободниот свет“, на тој мрачен предмет на нашите желби, доживеавме!?



Слики: George Grosz

Извор за текстот: Слободен печат:

ОкоБоли главаВицФото