Имунизација: Македонија подобро “котирала“ пред три децении, опфатот на вакцинација расте

Нови 27 случаи се регистрирани од 19-25 април, што е речиси двојно помалку во споредба со претходната недела. 

Најголем дел од заразените се деца од 10 до 14 години. На болничко лекување се четири деца. 

Во однос на вакцинацијата пак, 57% од децата кои што пропуштиле вакцина, се веќе имунизирани. Сепак лекарите велат дека опфатот е се уште далеку од потребниот и тоа не само против пертусис туку и против други заразни заболувања.

„ИЈЗ е надлежен во изготвувањето на годишниот извештај, последните бројки покажуваат благо зголемување на опфатот кај сите вакцини и ревакцини, но за жал е се уште далеку од препорачаните 95% на национално ниво.“ - вели д-р Бранка Величковска од министерството за здравство.

Граѓаните кои што ги анкетиравме велат дека редовно ги вакцинираат своите деца.

„Имам три внучиња сите се вакцинирани и сметам дека треба да се вакцинира и да се мисли не само на здравјето на своите деца туку и на колектвиното здравје на сите деца“ .

„Моето дете е редовно вакцинирано согласно календарот за имунизација, ставот е јасен и препораките од сите релевантни фактори е редовно да се вакцинираат, ние како родители тоа го почитуваме и нашата ќерка редовно ја вакцинираме.“

„Вакцинирани се двете мои деца и совети слушаме од докторите, нема што да размислуваме на таа тема.“

Со имунизација на децата ги заштитуваме од смрт, но и тешки здравствени последици од болести, порачаа денеска од УНИЦЕФ, од каде што истакнаа дека за разлика од сега, пред 30 години во Македонија опфатот бил над 95%...

„Во земјава се оди наназад кога станува збор за вакцинација, би сакала да кажам дека сум многу горда затоа што пред 30 години кога започнавме во земјава со имунизација имавме процент од 95%, така што се надевам дека ќе се вратиме на тие нивоа на вакцинација, а најголемите непријатели се дезинформациите.“ - вели Патриција Ди Џовани до УНИЦЕФ.

Здравствените власти се мобилизираат за теренска вакцинација и едукација преку директни посети на семејства чии што деца не се вакцинирани, а фокусот ќе биде ставен на вакцината против пертусис поради епидемијата на големата кашлица но и на МРП вакцината, чијшто опфат е исто така аларматно низок и носи ризик од појава на морбили.

Денеска во градскиот парк во Скопје се одбележа Светската недела на имунизација, под мотото „Заштитуваме генерации“.