Ова е историска емисија бидејќи прв пат после неколку години добивам можност да ја кажам мојата страна на приказната за монтираниот случај Рекет, односно, планот на СДСМ сите нивни комбинации за кеш и рекет да паднат на мој грб, кажа Бојан Јовановски во гостувањето во поткастот кај Стефан Лазаров.

Во текот на емисијата која траеше скоро пет часа и која според гледаноста ги сруши рекордите за ваков тип на емисии, Боки - 13 изнесе детали за почетоците на 1ТВ, за односот со уредниците во телевизијата, како плаќал новинари со високи суми „за мир во куќа“ по препорака на генералниот секретар на СДСМ Александар Кирацовски и истакна дека деновите пред неговото апсење за случајот „рекет“ информациите за тоа каде е, што прави и што планира, новинарот и тогашен уредник во 1ТВ Ацо Кабранов и ги дал на обвинителката Вилма Рускоска, за која пак вели дека не е он крив што е голем љубител и уживател на „чашката“.

Понатаму, во поткастот, Боки-13 раскажа за познанството со Зоран Заев, од кога тие стануваат пријатели, како настанува приказната со меѓународен сојуз, кој е тој што го поврзува со бизнисмените и како завршува таа приказна, односно потенцираше дека три месеци пред неговото апсење тој добива информации од Заев дека нешто му спремаат.

Боки-13 зборуваше и за актуелниот потпретседател на СДСМ и директор на Царина, Стефан Богоев, тврдејќи дека тој лично лобирал да биде предложен за кандидат за Карпош а потоа ја финансирал и неговата кампања и дека парите за проектите кои требале да бидат реализирани во таа општина преку Меѓународен сојуз завршиле кај него и негови блиски луѓе. Додека зборуваше на таа тема, Боки - 13 додаде и дека знае кој го запалил неговото возило, потенцирајќи дека има индиции, не и докази, дека станува збор за актуелен политичар кој на овие избори е кандидат за претседател на Македонија.

Значаен дел од емисијата, Боки-13 посвети и на поранешната обвинителка Вилма Рускоска, која под политички диктат, многу судбини „зави во црно“. Тој читаше пораки од комуникација помеѓу него и неа, а преку нив откри дека Русковска му ги најавила и казните за 27-ми април пред судот воопшто да ги изрече. Знаела и дека ќе има една ослободителна пресуда. Од пикантериите за поранешната обвинителка, Боки-13 раскажа и дека после прославата на годишнината од 1ТВ, Русковска била направена „небо-земја“, односно била толку пијана што се вртела како рингишпил и неможеле по скали да ја симнат.

Јовановски истакна дека Кирацовски, со „амин“ на Зоран Заев, посредувал за добивање на тендери во РЕК Битола а посведочи и на ситуација која се случила во неговата канцеларија во 1ТВ кога, сега веќе покојниот, Силјан Мицевски, на Кирацовски му дал плико полно евра.

Боки-13 потврди дека во неговиот дом, поранешниот министер за здравство Венко Филипче договарал продажба односно приватизација на болницата 8-ми септември, а за тоа на „лауд спикер“ дозвола дал Зоран Заев. За таа зделка, како што истакна, процент требал да има и Јовановски.

Во текот на емисијата, Бојан Јовановски изнесе и други детали за случајот „Рекет“ кои досега не и беа познати на јавноста како и за улогата на Зоран Милевски Кичеец во целиот случај. Кон крајот на поткастот, Јовановски додаде и дека „фамозната“ торба Луј Витон преку Кичеец завршила кај Вице Заев предадена во ресторан за морски плодови, потенцирајќи дека изјавите на Рускоска дека торбата е сликана во неговиот дом не се поткрепени со никакви докази.


Администратор
23/04/2024 06:29