На пазарот на ЦЕФТА регионот работат 13.000 српски компании

Фото: mia.mk

Повеќе од 13.000 компании од Србија работеа во рамките на ЦЕФТА регионот во 2023 година, а за многумина влегувањето на овој пазар е првиот и најважен чекор во интернационализацијата на бизнисот, вели Ненад Ѓурѓевиќ, советник на претседателот на Стопанската комора на Србија (ПКС) за агенцијата Бета, пренесува Данас. Тој додаде дека ЦЕФТА има двојно значење за членките кои се во оваа слободна трговска зона.

Покрај развојот на бизнисот, компаниите кои работат во ЦЕФТА регионот стекнуваат практики и честопати можат да бидат конкурентни и на пазарот на Европската унија (ЕУ). Во текот на минатата година трговската размена меѓу Србија и членките на ЦЕФТА изнесувала 6,46 милијарди евра. Според него, Србија извезла најмногу стоки во Босна и Херцеговина во вредност од 1,96 милијарди евра, Црна Гора во вредност од 1,22 милијарди евра и Македонија во износ од 954 милиони евра, а најмногу стоки увезла од Босна и Херцеговина за 1,02 милијарди евра и Македонија за 429 милиони евра.

Тој оцени и дека нерешените политички односи во регионот, во моментов на релација Белград-Приштина, негативно влијаат на деловното опкружување и на економијата во целина, вклучително и на имплементацијата на ЦЕФТА договорот. Тој смета и дека забраната за пласман на готови производи од Србија на територијата на Косово, воведена во јуни минатата година, им штети на компаниите од двете страни.

„Проценетата штета на компаниите од Србија во 2023 година изнесува 157,5 милиони евра, мерена само со нереализирани пласмани, без трошоците што ги имаа производителите поради пренасочувањето на стоката на други пазари во регионот или светот и трендот на раст на извозот. На ова треба да се додадат и загубите од претходно договорените зделки, кои останаа недоговорени и нереализирани поради забраната“, рече Ѓурѓевиќ. Тој додаде дека значителен дел од штетата претрпеле и меѓународни компании кои имаат производствени капацитети во Србија, а кои учествуваат со 40 отсто во вкупниот пласман на стоката на Косово.

Оваа година Србија претседава со ЦЕФТА договорот за слободна трговија во Централна Европа, чии потписници ги вклучуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Молдавија, Црна Гора и Косово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот