Седмата генерација на Mustang ќе се појави во продажба кон средината на следната година, а Ford за верзијата Dark Horse ја подготви досега најмоќната верзија на 5-литарскиот атмосферски V8 мотор

Со наближувањето на крајот на годината, Ford реши да открие колкав потенцијал ќе имаат моторите што ќе го придвижуваат неодамна претставеното седмо издание на најпопуларниот спортски автомобил во светот.

Познато е дека (пред Shelby компресорските варијации на тема) на врвот од гамата за новиот Mustang, кој се очекува во продажните салони ширум светот кон средината на следната година, ќе биде верзијата Dark Horse, во која под долгата предна хауба се крие темелно доработен 5-литарски атмосферски V8 мотор „Coyote“ кој со себе носи 500 коњски сили и 567 Nm максимален вртежен момент, а може да „врти“ до 7.500 вртежи во минута.

Малку послаб е Mustang GT, со споменатиот V8 мотор кој развива 480 коњски сили (486 со опционален поотворен издувен систем), а во приказната останува 2.3-литарскиот 4-цилиндерски турбо бензински EcoBoost мотор, кој е посоодветен за Европјаните. кој исто така е доработен, но овојпат развива 315 коњски сили и 475 Nm максимален вртежен момент. Од Ford ветуваат одлични перформанси и помала потрошувачка на гориво.

Ford на купувачите и седмото издание на Mustang ќе им го понуди во комбинација со 6-брзински мануелен или 10-брзински автоматски менувач. Рачниот менувач за Dark Horse излегува од полиците на компанијата Tremec, а преносот на моќ во секој случај оди само на задната оска. Освен верзијата Dark Horse, остатокот од гамата ќе биде достапен во две каросериски верзии (купе и кабриолет).