• Иван Димовски

Фудбалерите на Пелистер забележаа седма сезонска победа во ПМФЛ, откако се радуваа на „Чаир“ против Шкупи со минимални 0-1 во 24. коло. Средбата во Скопје ја одлучи единствениот гол на Александар Ристевски во вториот дел, иако претходно битолските „зелено-бели“ останаа со десет фудбалери на теренот.
Во воведните минути Пелистер беше подобар тим на теренот, се обиде да се наметне и да креира шанси, меѓутоа не му одеше најлесно. Битолчани имаа неколку уфрлувања и корнери, а потоа домаќинот се ослободи од стартниот притисок. Првиот каков-таков удар го имаше Алберт Диене од околу дваесетина метри, ама Јовчевски рутински го скроти ударот. Шкупи имаше и поништен гол во 25. минута кој во најмала рака беше дискутабилен. Помошникот на Илиоски сигнализира недозволена позиција за додавањето кон Ибиши од бековска позиција и потоа голот на Кадриу не важеше. Најзрелата шанса на битолчани ја имаше Вилдан Керим, кој изби сам шред домашниот голман, но Денковски одбрани.Во продолжението од првиот дел чаирчани повеќе ја имаа топката, притискаа и се обидуваа да го отворат резултатот, ама на одмор се замина со стартните 0-0. Во 35. минута гостите бараа пенал за стартот на Денковски врз Тарасенко, но судијата Илиоски, и покрај протестите, му покажа жолт картон за симулација.
Продолжи Шкупи со притисокот и во второто полувреме. Првата посериозна можност дојде по нешто повеќе од еден час игра, а ја имаше Џемал Ибиши. Напаѓачот добро се снајде во шеснаесетникот, ја прими топката и си ја префрли на десна, но неговиот удар го одбрани Јовчевски. Течеше 69. минута кога пелистерци останаа со десетмина на теренот. По една долга топка Захар Тарасенко направи фаул во напад врз Хамза Рамани. Сепак, Русинот не се сложи со одлуката на судијата Илиоски, бурно реагираше и му беше покажан втор жолт и црвен картон.
И покрај тоа што останаа со десетмина, фудбалерите на Пелистер стигнаа до предност во 74. минута од натпреварот. Слободен удар откосо изведе Такахара, го пронајде Гроздановски на втора статива, а овој одложи до капитенот Александар Ристевски кој погоди за 0-1 во небранетата мрежа од непосредна близина.
Шкупи притисна до крајот, се наметна и се обиде да дојде до израмнување. Сепак, во долго судиско продолжение пелистерци успеаја да се одбранат и забележаа победа со која се одржаа далеку над опасната зона на табелата.
Битолскиот тим има 29 бода на седмата позиција, два помалку од Шкупи кој е шестопласиран.