Димова: Двајца осомничени за проневера на европски пари се уште користат европски средства

2,2 милиони евра се слеале само во два џеба, двајцата осомничени и понатаму ги користат парите односно парите завршуваат во две приватни фирми, вели поранешната директорка на Националната агенција за образовни програми и мобилност, Лидија Димова.

Појаснува дека доколку обвинителството постапеше како што треба сега ќе служевме за пример во Брисел. За тоа дека обвинителството не си ја завршило својата работа според Димова говори и фактот дека не станува збор ниту за предистрага од причина што прво осомничениот и второосомничениот и понатаму земаат пари од „Еразмус“.

Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ги отфрлаат наводите на Димова. Потенцираат дека случајот е пријавен кон крајот на 2019 година во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и е отворен предмет по кој постапувал јавен обвинител кој преземал предистражни дејствија согласно своите надлежности, меѓу кои издал и наредба за економско - финансиско вештачење.

По добиено известување од Управата за финансиска полиција и реализирани работни средби со претставници на ОЛАФ, е утврдено дека со истрагата на ОЛАФ се опфатени повеќе субјекти од првично пријавените. Според ЗКП, предистражната постапка се води со цел да му се обезбеди доказен материјал на јавниот обвинител врз основа на кој ќе оцени дали индициите што се содржани во определена пријава како првични сознанија преминале во основано сомневање, како повисок степен на сомневање и ќе му овозможат да донесе наредба за спроведување на истражна постапка или дали врз основа на истите ќе ја отфрли пријавата. Во контекст на ова дозволете да напоменеме дека преистражната постапка не е ограничена со рокови за нејзино спроведување..“ - велат од ОЈО ГОКК.

Струшка фирма за која и ОЛАФ потврди дека е „глава“ на доброразработена шема за испумпување на европските пари, сѐ уште работи со училиштата-добитници на грантовите од Националната агенција за образовни програми и шета ученици и наставници по Европа. Додека Македонија бара со компензација да врати 2,2 милиони евра злоупотребени пари, шемата си функционира, а, наместо во училиштата, парите завршуваат во нечии џебови пишува во новото издание на неделникот „Фокус“.

ОЛАФ бара земјава да врати 2,2 милиони евра, европски пари што не ги злоупотребила Димова, туку пари што пријавила дека се злоупотребени преку криминална шема.