Тука сме да го прославиме заслуженото и долгоочекувано пристапување на Бугарија и Романија во Шенген. Работевме на ова заедно, но не сме задоволни, бидејќи очекуваме и целосно пристапување на двете земји во Шенген и на копнените граници. Ова го изјави еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на заедничкиот брифинг со вршителот на должноста министер за внатрешни работи Калин Стојанов и вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Романија Каталин Предоју.

Според неа, пред два дена Европската комисија (ЕК) го усвоила годишниот извештај за Шенген, каде за првпат биле дадени препораки до Советот да се заложи за конкретен датум за отстранување на ограничувањата и копнените граници. Ова е заложба на белгиското претседателство, истакна Јохансон и додаде дека за ова прашање ќе се разговара на Европскиот совет во јуни.

Од 31 март годинава Бугарија е членка на Шенген зоната по воздушен и воден пат. Проверките на воздушната и поморската граница се укинуваат по процесот кој траеше повеќе од една деценија.

Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон и заменик-претседателот и министер за внатрешни работи на Романија Каталин Предоју се во работна посета на Бугарија на покана на вршителот на должноста министер за внатрешни работи Калин Стојанов. Во рамките на посетата, Стојанов и Предоју потпишаа билатерален протокол за измена на Договорот меѓу владите на Бугарија и Романија. Документот се однесува на прекуграничната полициска соработка во кривичната постапка. За време на посетата, Илва Јохансон ќе го посети аеродромот во Софија за да се запознае со новата организација во врска со пристапувањето на Бугарија во Шенген зоната.


Администратор
18/04/2024 19:39