Секоја година се зголемува бројот на деца со егзема, алергии и астма. Сè уште нема објаснување за оваа појава, но некои експерти велат дека хигиената е клучот. Се верува дека луѓето во развиените земји, каде што се почести алергиите, едноставно се премногу чисти. Децата не се изложени на оние бактерии и вируси што ќе го зајакнат имунолошкиот систем. Децата сѐ помалку се надвор, а сѐ повеќе се дома.

Што треба да прават родителите? Експертите се согласуваат дека само доењето не мора да ја спречи појавата на егзема, алергии и астма, но може да го одложи развојот на овие болести. Има уште добри вести: вашето дете најверојатно ќе надрасне некои алергии. Тие може да надраснат некои алергии на храна. Покрај тоа, ако ја откриете алергијата на вашето бебе многу рано и ако ја намалите изложеноста на алергени, можеби ќе можете да ги намалите шансите за развој на други алергии на храна, полен и астма.

Што да правам кога моето бебе има алергиска реакција на убод од инсект?

Вообичаено, убодот е болен неколку минути, а симптомите се црвенило на местото на убодот, оток и чешање. Сепак, мал број луѓе, вклучително и деца, имаат тешки алергии. Тешка алергиска реакција обично се јавува при вториот убод. Во тој момент имунолошкиот систем произведува премногу хистамин. Јавете се во брза помош ако вашето дете има тешка алергиска реакција, вклучувајќи отежнато дишење, вртоглавица, гадење, губење на свеста или тежок оток што се шири на други делови од телото, како што се лицето или целата рака.

Како да дознам дали моето бебе е алергично?

Постои верување дека децата под две години не можат да имаат алергиски реакции бидејќи не се доволно изложени на алергени. Меѓутоа, сега на тоа се гледа поинаку. Дури и шестмесечните бебиња имаат алергија на мувла, полен и животински првут.

За да му ги олесните маките на вашето бебе, најважно е да откриете дали зад исип на кожата на бебето и постојано шмркање и кивање се крие алергија. Внимавајте на симптомите, бидејќи со ваква детективска работа ќе му олесните на лекарот да ја постави вистинската дијагноза.

• Погледнете наназад на семејното стебло. Ако детето има еден родител со алергии или астма, шансите се до 50 отсто да ги има и детето. Ако двајцата родители имаат алергии, шансите се зголемуваат на 70 до 80 отсто. Ако бебето има симптоми на настинка – насолзени очи, течење на носот (и постојано го гребе и трие) и постојано кивање – повеќе од две недели, тогаш најверојатно се работи за алергија.

• Понекогаш бебињата со алергии имаат темни кругови под очите и се повеќе склони кон инфекции на увото – внимавајте на тоа.

• Алергии на супстанции од околината, како и на храна, може да се тестираат кај бебиња на возраст од шест месеци. Најдобри тестови се кожните тестови. Резултатите се готови за брзо време. За резултатите од тестот на крв се чека малку подолго.

Како можам да ги ублажам причините за алергии?

Ако тестовите покажат дека бебето е алергично на некои супстанции од дома или надвор, или ако има знаци на астма, намалете ја изложеноста на најчестите алергени.

• Ако вашето дете е алергично на полен: Затворете ги прозорците (и ако можете вклучете го клима-уредот) кога концентрацијата на полен е најголема. Во тие денови е добро да не го носите бебето надвор рано наутро, бидејќи тогаш концентрацијата на полен е најсилна. Поленот е леплив, па кога ќе се вратите дома, преслечете го вашето бебе и искапете го.

• Кадифените играчки, кои собираат прашина, чувајте ги надвор од собата на бебето, а особено надвор од креветчето или креветот.

• Ако вашето дете е алергично на домашно милениче (или домашни миленици), а вие не можете да најдете нов дом за животните, тогаш држете ги надвор од собата на бебето.

• Ако бебето е алергично на мувла, погрижете се да ги отстраните сите извори на мувла во куќата: тие често се таложат во саксии, во туш, во фрижидер… Кога чистите бања и фрижидер, користете белило, ефикасно е доколку сакате да се ослободите од мувлата.

• Забранете пушење во вашиот дом и каде било во близина на детето. Предупредете ги сите што се грижат за вашето дете да не пушат во негова близина.

• Размислете да купите специјални филтри за клима-уредот, кои спречуваат поленот и прашината да влезат во куќата.

Ако ништо од ова не помага, и во зависност од тоа колку години има вашето дете и колку се сериозни неговите симптоми, разговарајте со вашиот педијатар за употреба на антихистаминик или друг лек кога концентрацијата на полен е најголема.

Извор



912

X