Изборите во Македонија на насловните страници на домашните и регионалните медиуми

Резултатите и текот на двојните избори во фокусот на вниманието и на регионалните и светските медиуми кои детално известуваат за исходот. 

Фокс њуз, пренесувајќи ги изборните резултати, пишува дека Северна Македонија ја избра својата прва жена претседател, бидејќи владејачките социјалдемократи претрпеа историски загуби на двојните претседателски и парламентарни избори.

За Франс 24, пак се чини дека Северна Македонија е на судир со соседите во ЕУ, Грција и Бугарија, додека националистичката опозиција ги победи парламентарните и претседателските избори. Во текстот, меѓу другото, пишува дека Десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ во земјата заработи лесна победа, со тоа што владејачките Социјалдемократи го признаа поразот пред да бидат објавени официјални резултати.

Угледниот „Ројтерс“ пишува дека Десничарската опозиција во Северна Македонија победи на парламентарните и претседателските избори, ноќта кога балканската земја ја избра и првата жена шеф на државата.

Водечките германски медиуми исто така јавуваат за убедливата победа на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори во Македонија и изборот на првата жена претседател. Меѓу другото, пишуваат, Десницата се враќа на власт во Македонија, натамошниот пат кон ЕУ под знак прашалник. 

Бугарските сајтови пак, ја цитираат Силјановска-Давкова, дека ветото не е инструмент за пријателство и прашуваат, ќе се смени ли односот кон Бугарија?

Вчерашните избори тема на анализа и во српските медиуми. Дел од сајтовите пишуваат, Политички земјотрес за враќање во минатото или нова надеж? Во голем дел од српските медиуми стои дека честитка на Гордана Силјановска Давкова и упатија српскиот претседател, Александар Вучиќ и унгарскиот премиер, Виктор Орбан.

Изборните резултати беа пренесени и во грчките медиуми. Коментираат дека станува збор за голем триумф на ВМРО-ДПМНЕ, посочуваат дека земјата првпат во историјата ќе добие жена претседател, но и анализираат што доаѓањето на власт на опозициската партија ќе значи за односите со Грција. Грчката Влада очекува прво да ги види позициите на новата Влада во Скопје, а потоа ќе коментира и ќе излезе со став.

Во фокусот на албанските медиуми, очекувано, се најдоа албанските партии и нивните резултати.

Инаку, странски новинарски екипи ги следеа изборите и одблизу во Македонија, а беа присутни и на пресовите на Државната изборна комисија.