Нова студија открива: Пациентките што ги лекуваат лекарки имаат пониска стапка на смртност

Фото: Pexels / Antoni Shkraba

Пациентите кои ги лекуваат лекарки имаат помала стапка на смртност во споредба со пациентите што ги лекуваат нивните машки колеги, покажуваат резултатите од новото истражување.

Во новата студија истражувачите откриле дека ова е особено точно за женските пациенти и забележале сличен модел во стапките на повторен прием во болниците, пишува „Еуроњус“.

„Нашите наоди покажуваат дека машките и женските лекари поинаку ја практикуваат медицината и овие разлики имаат значително влијание врз здравствените резултати на пациентите“, изјавил д-р Јусуке Цугава, вонреден професор на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес.

Истражувачите ги прегледале податоците од повеќе од 776.000 машки и женски пациенти на возраст од 65 или постари третирани помеѓу 2016 и 2019 година. Тие ја анализирале смртноста на пациентите и повторниот прием 30 дена по првиот прием во болниците.

Кога биле лекувани од женски лекар, женските пациенти имале стапка на смртност од 8,15 отсто во споредба со 8,38 отсто кога биле лекувани од машки лекар.

Иако била забележана „голема и клинички значајна“ разлика за женските пациенти, авторите забележале дека „кај машките пациенти нема значајна разлика помеѓу машките и женските лекари“. Слична шема е забележана за повторниот приемв во болница со стапка од 15,51 отсто за жените кога биле лекувани од жена лекар и 16,01 отсто кога лекарот бил маж.

Научниците велат дека се потребни повеќе истражувања за да се разберат причините за таквата разлика.

„Понатамошните истражувања за основните механизми кои го поврзуваат полот на лекарот со исходот на пациентите и зошто придобивките од третманот од женски лекари се поголеми за женските пациенти, имаат потенцијал да ги подобрат резултатите на пациентите ширум светот“, рекол Цугава.

Една од можностите е дека машките лекари „може да ја потценат сериозноста на болеста кај женските пациенти“, објаснување кое е во согласност со претходните студии. Оваа погрешна интерпретација на симптомите и ризиците може да доведе до полоши резултати од третманот кај женските пациенти отколку кај машките пациенти.

Друга хипотеза е дека комуникацијата е подобра меѓу пациентите и лекарите, односно дека пациентите се поотворени за почувствителни прегледи кои, на пример, вклучуваат интимни делови од телото.

„Подоброто разбирање на оваа тема може да доведе до развој на интервенции кои ефикасно ја подобруваат грижата за пациентите. Важно е да се напомене дека женските лекари обезбедуваат висококвалитетна нега, и затоа, повеќе лекарки имаат корист за пациентите од социјална гледна точка“, додал тој.

Истражувачите исто така имаат намера да видат дали резултатите се исти кај помладите пациенти, бидејќи испитуваниот примерок се фокусирал на луѓе на возраст над 65 години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот